Според податоците во истражувањето на Меѓународниот институт за мировни истражувања од Стокхолм (СИПРИ), потрошувачката за вооружување во светот во 2019 година достигнала 1.917 милијарди американски долари

Анализа на меѓународниот институт за мировни истражувања СИПРИ

Воените трошоци во светот минатата година достигнаа 1.917 милијарди американски долари. Тоа е најголем пораст за една деценија, се наведува во актуелниот годишен извештај на меѓународниот институт за мировни истражувања СИПРИ од Стокхолм. Според последната анализа на СИПРИ, објавена вчера, првите пет земји по воени трошоци и понатаму се САД, Кина, Индија, Русија и Саудиска Арабија, кои учествуваат со 62 проценти од глобалните воени трошоци во 2019 година. Споредбено со 2018 година, вкупното глобално воено трошење се зголеми за 3,6 проценти, што претставува најголем годишен раст на трошење за оваа немена дури од 2010 година, пишува порталот „Еурактив“. Како што наведува медиумот, повикувајќи се на податоците од извештајот, американските воени трошоци минатата година се зголемени за 5,3 проценти, на 732 милијарди американски долари.

Од друга страна, воените трошоци на Кина достигнаа 261 милијарда долари, или за 5,1 процент пораст во однос на претходната година. Русија на оваа тема има воени трошоци од 65 милијарди долари, што претставува зголемување од 4,5 проценти во однос на 2018 година.
Дополнително е интересно што Институтот од Стокхолм наведува дека во Европа, Германија во 2019 година за вооружување издвоила десет проценти повеќе пари од претходната година. Таков силен пораст според СИПРИ не остварила ниту една од водечките 15 земји во светот.
– Берлин лани за војската издвоил 49,3 милијарди американски долари – констатира СИПРИ.

Диего Лопез да Силва од институтот смета дека зголемените германски издвојувања, сепак, имаат врска со тоа што „Русија се доживува како закана“.
– Со воени издатоци од 65,1 милијарди долари, Русија е на четвртото место во светот. Тоа е речиси четири проценти од рускиот БДП. Само за споредба, Германија лани издвои за одбрана 1,38 процент од БДП – вели Лопез да Силва. Тој додава дека владата во Берлин не е единствена што гледа опасност во Русија. Шест од водечките 15 држави во светот што издвојуваат најмногу за вооружување се членки на НАТО.
– Покрај САД, Германија, Франција и Велика Британија, тука се уште и Италија и Канада. Доколку се соберат нивните издатоци, се доаѓа до речиси половина од светските давачки за вооружување. Дваесет и деветте членки на НАТО во 2019 година за одбрана издвоиле вкупно 1.035 милијарди долари – вели аналитичарот Лопез да Силва.

Во меѓувреме, анализата на Меѓународниот институт за мировни истражувања СИПРИ наведува дека САД продолжуваат со модернизација на својата конвенционална и нуклеарна оружена програма. Според СИПРИ, зголемените издатоци се поврзани и со Кина. Оваа земја во последните години изврши најзначајно зголемување на издвојувањата за одбрана. Тие моментно изнесуваат 261 милијарда долари, што е 14 проценти од вкупните светски издвојувања.

Со тоа Кина е на второто место, зад САД.  Во исто време, Институтот од Стокхолм во својата анализа забележува дека во споредба со огромните износи на „суперсилите“, остатокот од светот заостанува во издвојувањата за војската или, пак, се значително помали. Во споредба со огромните износи на „големите сили“, издвојувањата за војската во остатокот од светот се значително помали. Германскиот медиум „Дојче веле“, повикувајќи се на истиот извор, пишува дека државите од Јужна Америка во 2019 година издвоиле „само“ 53 милијарди долари. Од тоа повеќе од половината му припаѓаат на Бразил.

Според медиумот, земјите од Југоисточна Азија исто така значително ги намалиле вложувањата во воената опрема и заедно потрошиле 41 милијарда долари, додека државите од Африка за оваа намена одвоиле вкупно 42 милијарди долари.


Ковид-19 го присили и НАТО да инвестира

Последниот развој на настаните поврзани со пандемијата на вирусот, според податоците на истражувањето на СИПРИ, направи околности Северноатлантската алијанса да побара од своите членки да инвестираат повеќе во оружје и воена техника. Имено, НАТО со јавен апел ги охрабри државите во Европа, и покрај економскиот шок од пандемијата, да го одржат своето воено трошење, сугерирајќи дека војската може да игра важна улога во спречувањето или ублажувањето на кризата. Неколку европски држави периодов во таа насока ги користеа и своите вооружени сили за да помогнат во спроведувањето на рестриктивните мерки дадени од нивните влади, како оние од типот на воведувањето гранични контроли, во обид да се контролира појавата на вирусот ковид-19.