Веројатно никој не би претпоставил дека хартиените змејови можат да ја збунат моќната израелска армија, но популарните детски играчки создаваат проблеми за Израелците, по нивната употреба во пресметките во Појасот Газа од март, пишува „Лос Анџелес тајмс“.
Хартиените змејови за кои најчесто се закачени крпи или други предмети кои горат, носени од ветрот, предизвикаа пожари и уништија 7.140 ари на национални паркови и на обработливо земјиште во Израел. Уништени се околу 1.400 ари на житни посеви, а штетата на израелските земјоделци се проценува на два милиони долари.
Според одредени податоци Палестинците досега испратиле околу 450 запаливи хартиени змејови и балони во Израел. Пожарникарите се соочиле со 17 пожари на југот на Израел во неделата.
Израел и Хамас се на работ на првата војна на хартиените змејови – вели воениот аналитичар Амос Харел за израелските медиуми.
Еден од организаторите на операцијата со хартиени змејови истакна дека добил идеја да ја почне ваквата практика кога забележал како змеј пренесува палестинско знаме преку оградата во Појасот Газа.
Армијата на Израел преку соопштение порача оти „ја смета употребата на запаливи хартиени змејови и на балони за опасна, со што ќе работи на спречување на нивната употреба“.