Загадувањето на воздухот во индискиот главен град Њу Делхи се искачи до критично ниво денеска откако локалното население цела ноќ правеше огномет заради прослава на фестивалот Дивали.
Според два показатела на загадувањето, квалитетот на воздухот е многу лош, а високите нивоа на загадување укажуваат на тоа дека долготрајната изложеност на таков воздух би можела да предизвика респираторни проблеми.
Концентрацијата на штетни честички во центарот на Делхи се искачи на 689, што е вонредна состојба и претставува сериозен здравствен ризик.
Градските власти денес одржуваат состанок на кој треба да се утврди состојбата и да се преземат мерки.
Минатиот месец Врховниот суд дозволи користење на пиротехнички средства што не ја загадуваат околината во рами на прославата на фестивалот Дивали и тоа само два часа во текот на ноќта.
Но, „зелените“ пиротехнички средства не беа достапни на продажба и во текот на вечерта беше истрелано големо количество стандарден пиротехнички огномет.