Јавноста ги прогласи за херои патниците што успеале да запрат брз трамвај во Германија, откако возачот загубил свест додека управувал.
Во неделата во трамвај што сообраќал низ градот Бон настанала паника бидејќи возилото не застанало на неколку станици. Двајца патници упаднале во кабината на возачот кој не одговарал на никаков обид за комуникација.
Една патничка се јавила во транспортната компанија за да добие насоки за запирање на трамвајот, по што патниците успеале да го запрат.
Пред да влезат во кабината на возачот, преплашените патници ја повикале полицијата затоа што рачката за сопирање во итни случаи не работела.
Инцидентот се случил околу 01 часот по локално време, пренесе хрватски „Индекс“.
– Патниците во оваа опасна ситуација постапиле на правилен начин и веројатно спасиле многу животи – рече градоначалникот на Бон, Ашок Сридаран, цитиран од Би-би-си.
Од локалното транспортно претпријатие SWB соопштија дека рачката за итни случаи не е за да го запре возилото, туку да го предупреди возачот за проблематична состојба. Во трамвајот имало систем кој испраќа предупредување ако возачот загуби свест, но се чини дека тој не функционирал во моментот.
Возачот е во болница каде се опоравува.