Состојбата со односите меѓу најголемите светски сили сѐ уште е далеку од конечното решение. А какво ќе биде тоа решение, никој не може да знае со сигурност. Вашингтон објави список со осум држави, кои и понатаму непречено можат да увезуваат иранска нафта, меѓу кои е и големата Кина, со која администрацијата на Трамп тековно води своевидна трговска војна, но тоа никако не ја намалува веројатноста за еден период на долгорочна класична ладна војна. Американските генерали тврдат дека за успешно спротивставување на Кина, најпрвин мора да се решат работите во Европа, зашто САД немаат сила за два големи фронта. Притоа, сосема е јасно дека мислат на Русија, со која не испаднало како што „требало да испадне“, зашто се појавил претседател што „не требало да се појави“. Дури и повеќе од тоа, овој претседател, кој „не смеел да се појави“, освен во Европа, сега целосно ги наруши американските интереси и на Блискиот Исток
Триаголник: САД – Кина – Русија
Додека вниманието на меѓународната заедница е насочено кон американските санкции кон Иран, во другиот дел на светот се случува вистинска драма, поради сѐ позатегнатите американско-кинески односи. Иако, истиот ден кога почнаа санкциите, Вашингтон објави список со осум држави, кои и понатаму непречено можат да увезуваат иранска нафта (во мали количества и привремено, во рок од половина година), меѓу кои е и големата Кина, со која администрацијата на Трамп тековно води своевидна трговска војна, тоа никако не ја намалува веројатноста за еден период на долгорочна класична ладна војна помеѓу овие две светски мегадржави, сличен на оној помеѓу САД и СССР, вклучувајќи ги сите сфери – од политички и економски, па до воени.
Сходно на тоа, потегот на Трамп за „омекнување“ на политиката на санкции во однос на државите што продолжуваат со увоз на иранска нафта, никако не може да се сфати како чин на добра волја кон тие земји, а најмалку кон Пекинг, туку исклучиво како реалност со која се соочува американската политика низ светот. Поточно, соочена е со отпор кон својата политика од страна на најголемиот број важни светски држави, вклучувајќи ги тука и американските сојузници и партнери. Покрај тоа, за време на конгресните избори, Трамп имаше непријатна задача да го признае поразот на своите речиси шестмесечни дипломатски настојувања да се принудат светските држави на откажување од увозот на иранска нафта.
Потегот на Белата куќа беше опортун и значеше одложување на признанието за својот неуспех со новата „добродушност“ на САД, кои, ете, повторно им даваат на своите партнери шанса за починка од американските притисоци и продолжување на бизнисот со Иран до конечната реализација на американските барања, кои би требале да се реализираат до крајот на март следната година, кога бенефициите за осумте држави престануваат да важат, иако нема никакви гаранции за тоа.
Драматичните изјави на Си Џинпинг!
А дека ситуацијата на Блискиот Исток не е нималку наивна, сведочи и неодамнешната седница на Политбирото на Централниот комитет на комунистичката партија на Кина, водена лично од партискиот лидер и државен претседател Си Џинпинг. Тој предупреди дека кинеската економија се наоѓа во многу сложена ситуација, но дополнително, во разговор со командата на Јужната воена област, тој отворено изјавил дека Кина мора да се подготвува за војна!
Ова е прва таква изјава на кинески лидер по речиси 40 години. Иако можеби звучи чудно, таа воопшто не е несериозна и неоснована, туку напротив: сите 5 воени области во Кина се подготвуваат за скорешните големи воени вежби, во исто време кога САД ги зајакнуваат своите поморски и воздушни флоти во регионот и сѐ почесто патролираат низ спорните зони на Јужнокинеско и на Источнокинеско Море, кои Пекинг ги смета за свои водни површини.
Сѐ почесто, Пекинг дури ултимативно бара повлекување на американските бродови од „кинеските води“, а за таа цел ги „крева“ своите авиони и ги испраќа своите бродови да патролираат низ оваа зона. Од друга страна, САД најавуваат зајакнување на старите и отворање нови воени бази, како што е онаа на јапонскиот остров Окинава, на само 150 километри далечина од спорниот архипелаг Сенкаку, околу кој Кина и Јапонија се караат со децении.
Би било многу наивно да се верува дека Пекинг мирно ќе ги набљудува зголеменото американско присуство и активности во „својот двор“ без да презема никакви противмерки. Имајќи го тоа предвид, не би требало да нѐ изненади ако идната година едно утро се разбудиме и видиме кинески воени единици на Тајван. И тоа не само поради погоре наведеното, туку и поради сѐ почестите вести, кои стигнуваат до ушите на кинеските генерали, а кои зборуваат за намерите на САД за изградба на своја база и на Тајван. Зашто, сепак, Тајван за Пекинг беше и остана единствен и неразделив дел од државната кинеска територија.
Важно е да се нагласи уште и ова: иако на почетокот американските најави за заострување на трговските односи со Кина, Пекинг ги сметаше за класични политички изјави „за домашна употреба“ од кои нема да испадне ништо конкретно, а таквиот став го задржа и по изборот на Трамп, кој во предизборната кампања „се расфрлаше“ со антикинески изјави, сега дефинитивно сфати дека антикинеската политика на Вашингтон е сериозна и долгорочна; притоа, дека не станува збор само за некаков каприц на Трамп, туку за смислена стратегија, втемелена на компромисот постигнат помеѓу американските политички и други елити – со еден збор – американскиот естаблишмент. Освен тоа, сега Кина јасно забележува дека е опкружена со сѐ повеќе непријатели, а не само, како што беше до неодамна, со регионални конкуренти или неистомисленици.
Во такви околности, кинескиот воен врв сфаќа дека постои реална можност американските и сојузничките сили да ја спречат пловидбата на кинеските танкери по Индиски и по Тихи Океан, со што во целост може да се парализираат кинеската индустрија и економијата во целина, а нејзините вооружени сили да останат цврсто „прилепени“ на копното. Сега Пекинг го разбира големото значење на копнените нафтоводи и гасоводи за сопствената национална безбедност, па затоа во текот на последниве неколку недели забрзано испраќа свои емисари низ Централна Азија, од Туркменистан до Казахстан, за склучување нови енергетски бизниси. Се разбира, работата со Русија по ова прашање е донекаде јасна, бидејќи повеќето од руските енергенти и онака се испорачуваат до Кина по пат на гасоводи, а кон крајот на идната година мора да почне со испорака и најдолгиот светски магистрален гасовод Сибирска сила, со гас наменет за кинескиот пазар.
Проблемите на САД
Работите, меѓутоа, ни за САД не се толку едноставни како што би можело да се заклучи по горенаведеново. Американските високи воени офицери веќе од порано, во тишина и далеку од очите и ушите на пошироката јавност, го предупредија својот политички врв за неможноста од водење војна со Кина поради проблемите со кои САД се среќаваат во Европа и на Блискиот Исток. Имено, американските стратези настојуваа да ја средат состојбата во Европа пред „кршењето“ на Кина, кое мораше да заврши пред таа земја да го реализира својот воен план во 2025 година, кој подразбира градба на 4 борбени групации бродови, на чело со носачите на авиони (САД има 11). За таа цел, Пентагон предупредува и на растечкиот кинески воен буџет (користен само за развој на вооружените сили, наспроти американскиот, кој се троши на голем број други расходи на Пентагон, од логистичко опремување на своите 800 воени бази низ светот, до помошта за своите сојузници и партнери), кој формално изнесува 200 милијарди долари за минатата година.
Меѓутоа, пред извесно време одредени аналитичари тврдеа дека станува збор за политички камуфлирана бројка од страна на Пекинг, а дека вистинската бројка може да биде и двојно поголема. Тоа за Вашингтон реално би претставувало голем проблем, зашто со таквата динамика Кина многу побрзо од очекуваното ќе ја достигне воената моќ на САД.
Сепак, за крај да се вратиме уште малку на ставовите на американските генерали: тие тврдат дека за успешно спротивставување на Кина, најпрвин мора да се решат работите во Европа, зашто САД немаат сила за два големи фронта. Притоа, сосема е јасно дека мислат на Русија, со која не испаднало како што „требало да испадне“, зашто се појавил претседател што „не требало да се појави“. Но таквите работи понекогаш се случуваат во историјата и на овие „аномалии“ треба да сме подготвени.
Дури и повеќе од тоа, овој претседател, кој „не смеел да се појави“, освен во Европа, сега целосно ги наруши американските интереси и на Блискиот Исток, принудувајќи го Пентагон на понатамошно големо присуство на неговите сили во тој регион, не само поради Сирија, туку и Иран, кој не ја изгуби поддршката од Москва и Пекинг, иако токму тоа требаше да се случи, за што требаше да послужат санкциите против Турција и Кина, а тука е и псевдотрговската војна (која уште не е почната, иако двете земји опасно ѝ се доближуваат). А токму од тој регион своите блискоисточни сили Вашингтон сакаше да ги префрли директно во „кинескиот двор“.
Значи, слободно можеме да го заклучиме следново: состојбата со односите меѓу најголемите светски сили сѐ уште е далеку од конечното решение. А какво ќе биде тоа решение, никој не може да знае со сигурност.
Може само да се предвидува, да се симулираат вакви или онакви сценарија, но ниту едно од нив не може да демантира еден клучен факт: со понатамошното одолжување на заедничката средба на преговарачка маса помеѓу челниците на трите мегадржави и почетокот на сериозни преговори за решавање на конкретните проблеми, кои денес ги преоптоваруваат нивните меѓусебни и севкупните светски односи, ризиците од избивање масовни инциденти, па и воени конфликти, забрзано растат.
Зашто, за големата војна се подготвуваат сите, а не само Кина.
(Во текстот се користени материјали од Геополитика њуз)