Сојузничките лидери кои се надеваа дека присуството на американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на НАТО во Лондон ќе промовира единство меѓу старите пријатели, синоќа веројатно си заминаа разочарани, по неговото завршување, пишува Си-ен-ен.
Посетата на Трамп беше одбележана со пресметки меѓу лидерите, долги настапи на американскиот претседател пред медиумите, нагло откажување на прес-конференцијата и невообичаен спор во врска со популарно видео кое го привлече вниманието на светската јавност.
Трамп долго време ги предизвикуваше и притискаше членките на НАТО да трошат повеќе пари на одбраната и дури посочи дека Алијансата е застарена. Пред Самитот тој значително го намали придонесот на САД во буџетот на НАТО.
На годинешниот собир се чинеше дека Трамп ги игра улогите и на „добар и на лош полицаец“. Пред неговиот појадок со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на почетокот на Самитот, тој се пожали дека НАТО не се однесувало правично кон САД, односно дека членките плаќаат премалку. Сепак, на моменти се чинеше дека ја брани Алијансата.
Коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО е „клинички мртво“ како резултат на недостаток на водство од САД, Трамп ги нарече „опасни“ и „навредливи“. Тој исто така додаде дека постои можност Франција да излезе од НАТО. Додека вчера пак, Трамп рече дека Алијансата е „многу важна“.
-НАТО е многу важно. Не беше добро, но се искачи на многу силна позиција. Имавме навистина добри два дена – рече Трамп.
Сите овие јавни несогласувања и расправии меѓу лидерите доведоа до своевидно претворање на сериозниот воен самит во дипломатска сапунска серија, заклучува Си-ен-ен.