Афроамериканецот Доналд Нили кој при апсењето минатата година беше спроведен од двајца бели полицајци на коњи, врзан со јаже, го тужи градот Галвестон во американската сојузна држава Тексас и тамошната полиција за отштета од милион долари поради понижувањето и стравот што ги претрпел, пренесува магазинот „Тајм“.
Тужбата поднесена минатата недела во име на 44-годишниот Нили, наведува дека однесувањето на полицајците било „екстремно и претерано“, како и дека предизвикало повреди и стрес за оштетениот.
Фотографиите од апсењето во август минатата година, потсетија на влечењето на црните робови во окови, ја вознемири американската јавност. Нили кој тогаш беше бездомник, спиел на улица кога бил уапсен за упад на туѓ имот.
– Нили се чувствуваше како некогашните робови – се вели во тужбата.
Полицијата на американската сојузна држава Тексас набргу по инцидентот се извини за третманот на уапсениотАафроамериканец, за кое тамошниот шеф на полицијата изјави дека предизвикало „непотребен срам“. Во полициското соопштение беше наведено и дека не било употребено јаже, туку полициска врвка закачена за лисиците на уапсениот.
– Оваа техника на спроведување на уапсените од страна на полицајци на коњи се смета за најдобра во одредени случаи, како на пример справување со толпа, но таа не беше искористена соодветно во оваа ситуација – соопшти тогаш полицијата, додавајќи дека „полицајците направиле лоша проценка“.
Интерната полициска истрага покажала дека полицајците не го прекршиле законот. А обвинението за упад на туѓ имот против Нили беше отфрлено од судот.