Рускиот претседател, Владимир Путин постигна синоќа осум голови на егзибиционен натпревар во хокеј на мраз, играјќи во тим со руските хокејарски ѕвезди.
Одржувањето на натпреварот прерасна во годишна традиција, потсетува „АП“ и наведува дека Путин настапил во тимот „Легенди“ покрај поранешните ѕвезди како што се Слава Фетисов и Павел Буре.
Во тимот играше и рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, кој постигна три погодоци.
Противничкиот тим го сочинуваа играчи-аматери, меѓу кои пријателот на Путин од детството Генадиј Тимченко, милијадерот Владимир Потанјин и неколку руски гувернери.
Екипата во која играше Путин победи со 14:7.
Сепак, на крајот на мечот, рускиот претседател не го виде црвениот тепих и се сопна на мразот додека ја поздравуваше публиката, по што веднаш стана и продолжи да ги поздравува присутните. Видеото експресно го пренесоа медиумите низ светот.