Демонстрантите во Белорусија најдоа начин како да се координираат и покрај забраните и блокадите со кои се соочуваат на Интернет, истовремено избегнувајќи го бруталното полициско насилство за време на протестите против спорните претседателски избори во земјата. Интернет-блокадите исто така предизвикаа и големи економски штети, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Пристапот до Гугл, Фејсбук и Твитер, како и до локалните и странските медиуми, беше ограничен по започнувањето на протестите откако изборната комисија го прогласи претседателот Александар Лукашенко за победник на изборите со 80 отсто освоени гласови.
Иако ограничувањето и блокирањето на интернет-сообраќајот е алатка на автореитарните режими низ светот, но помрачувањето во Белорусија ги покажа и ограничувањата на ваквиот пристап како алатка на репресија. Демонстрантите, по низата апсења на активисти и новинари, се организираа преку апликацијата Телеграм, која и натаму е достапна.
– Апликацијата „Телеграм“ и натаму е достапна, а сѐ што демонстрантите снимаат се споделува преку неа. Исклучувањето и блокадите на Интернет беа апсолутно бесмислени и лоша идеја – вели Јана Соболева, активист во „Хјуман Констанца“, организација за човекови права во Минск.
Ваквиот потег се заканува дека ќе нанесе удар на просперитетниот технолошки сектор на Белорусија, еден од ретките делови на економијата што цветаше во изминатата деценија.
Во средата, повеќе од 300 белоруски директори, девелопери и инвеститори напишаа отворено писмо според кое, ако продолжи полициското насилство, ограничувањата и блокадите на Интернет ќе предизвикаат услови во кои технолошките бизниси не можат да функционираат, и предупредуваат на масовен одлив на специјалисти во странство, што би ги поништило сите нивни достигнувања во технологијата.
„Некста“, најпопуларниот канал на „Телеграм“ во Белорусија, е управуван од полскиот главен град Варшава. Преку него, собраните видеа што корисниците ги праќаат од протестите низ целата земја се дистрибуирани до 1,5 милиони следбеници, извонреден број во земја со помалку од 10 милиони луѓе.
Групата „Женска сила“, формирана на Телеграм за да организира протест во Минск, привлече околу 10.000 членови и поттикна демонстрации низ државата, пред нејзините организатори да ја затворат наредниот ден.
За време на протестите, Лукашенко тврдеше дека неидентификувани лица го исклучиле интернетот од странство за да предизвикаат незадоволство кај населението.
Но, според „Кратор Лабс“, компанија за сајбер-безбедност со седиште во Прага, исклучувањето се чини дека е пресметан потег за да ги спречи демонстрантите од внатрешноста на Белорусија. Во пресрет на изборите, двете државни компании кои имаат монопол на целиот пристап до глобалната мрежа во Белорусија, започнаа да блокираат дури до 80 отсто од пристапот на „ИПв6“, протоколот со кој се насочува интернет-сообраќајот.
– Намалувањето на речиси целиот интернет-сообраќај е нешто што може да се направи само одвнатре. Ние никогаш не сме виделе толку масовно исклучување од надворешна сила – напишаа во блог-објава истражувачите од „Кратор Лабс“.
Според „Нетблок“, група која ги застапува и следи недостатоците во функционирањето на интернетот низ светот, исклучувањето на интернет-сообраќајот во Белорусија предизвика штета на дигитално банкарство, такси-услугите, мапите, купувањето преку Интернет, што ја чини земјата над 56 милиони долари дневно.
„Нетблок“ информира дека ова се должи на користењето на ДПИ-филтрите (Дип пакет инспекшн). ДПИ-технологијата се користи во земји како Кина и Иран за да се цензурира сообраќајот на Интернет. Исто така, се смета како камен-темелник на „суверениот интернет“ на Русија. Активистите тврдат дека технологијата се користи како алатка за сузбивање на демонстрации. Белорусија во 2018 година потроши 2,5 милиони долари за да се здобие со опрема за ДПИ.
– Тоа е алатка за спречување на демонстрантите да се координираат. Сепак, владата на Лукашенко покажа дека воопшто не се грижи за сопствениот народ и за сопствената економија – вели Михаил Килмарев, извршен директор на руското друштвото за заштита на Интернет.