Лидерите на повеќе држави и на најголемите компании и организации во светот објавија повеќе иницијативи за намалување на емисиите на штетни гасови и на глобалното затоплување на самитот на ОН за климатски промени во Њујорк.
Генералниот секретар Антонио Гутереш го заврши самитот со објава на веста дека 77 држави се обврзале за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година. Сепак, тие земји заедно произведуваат многу помалку од половина од емисиите на јаглероден диоксид во светот. Кон иницијативата не се приклучија најголемите загадувачи како Кина, САД, Индија, Русија и Јапонија.
Седумдесет држави исто така ветија дека ќе се залагаат повеќе за справување со последиците од климатските промени, додека 100 бизнис-лидери ветија дека ќе се приклучат кон промовирање на зелената економија, а една третина од глобалниот банкарски сектор вети дека ќе исполнува зелени цели.
– Чекор по чекор, се случуваат промени. Но треба да изодиме уште долг пат за да стигнеме до посакуваната цел – порача Гутереш.