Велика Британија и Шведска постигнаа договор за заедничка воена соработка во воздушните сили во текот на следната деценија што отвора пат и за другите потенцијални партнери. Овој потег значи дека скандинавската земја би можела да се приклучи на планираниот британски воен проект од новата генерација.
Велика Британија минатата година ги претстави плановите за борбени авиони и неколку беспилотни летала со име „Темпест“, отворајќи многубројни прашања за иднината на европската одбранбена соработка, додека Франција и Германија ја спроведуваат својата сопствена воздушна програма за да одговорат на растечките закани.
„Темпест“, која треба да го замени „Еурофајтер Тајфун“ почнувајќи од 2040 година, ќе биде развиена и изградена од најголемата компанија за одбрана на Велика Британија „БАЕ Системс“ во соработка со британскиот производител на мотори Ролс-Ројс, британската подружница на италијанските одбранбени сили „Леонардо“ и европскиот ракетен производител „МБДА.“
Шведската компанија „Сааб“ нема веднаш да се приклучи на истиот индустриски тим, но ќе биде вклучена во пошироката студија за технологија која ќе ги скицира британските одбранбени партнерства по Брегзит и може да доведе до приклучување и на други земји, додаваат официјалните претставници.
– Брегзит или не, Шведска има стратешки интерес за понатамошно продлабочување на односите со Велика Британија – рече шведскиот министер за одбрана, Петер Холтквист на големо воено шоу кое се одржа во западна Англија.
Британското министерство за одбрана соопшти дека договорот повикува на заедничка програма за воздушна борба и програма за преземање.
Меѓутоа, Шведска изјави дека планот им дозволува на двете страни да спроведат студии со други партнери и истакна дека нивниот Грипен борец ќе ги исполни потребите на воздухопловните сили „во догледна иднина.“
Аналитичарите од оваа индустрија велат дека Шведска настојува да биде сфатена како сериозен самостоен производител на Грипен борецот на Сааб, а не како помал снабдувач.