Протерувањето на 60 американски дипломати од Русија не е неочекувано и САД ќе се справат со тоа, соопшти синоќа Белата куќа.
Одлуката сепак дополнително ги влошува односите меѓу двете земји, истакна Белата куќа во соопштение.
Во исто време портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојер изјави дека протерувањето на американски дипломати е неоправдано и Вашингтон го задржува правото да преземе соодветни мерки.
– Нема никакво оправдување за руската реакција – изјави портпаролката на брифинг со новинарите и додаде дека Москва одлучила да се изолира уште повеќе, со тоа што ќе протера 60 американски дипломати и го затвори конзулатот на САД во Санкт Петербург по идентичните мерки на Вашингтон поради аферата со труењето на поранешен руски шпион во Велика Британија.
– Од списокот што ни беше даден, јасно е дека Руската Федерација не е заинтересирана за дијалог за важните прашања за нашите две земји и ние го задржуваме правото да одговориме – рече Нојер.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Москва ќе протера 60 американски дипломати и ќе го затвори американскиот Конзулат во Санкт Петербург. Лавров нагласи дека американскиот амбасадор во Русија бил „информиран за мерките“ додавајќи дека „бројката на протерани е иста како и на САД“.