Вакцинирањето на децата, само по себе, веќе не е доволно кога станува збор за спречување на ширењето на сипаниците, пренесува „Економист“.
Пред вакцините да станат широко достапни во 60-те години на минатиот век, сипаниците беа неизбежна болест која мора да се прележи во детството. Потоа, се стекнува доживотен имунитет на вирусот. Во децениите кои следуваа, рутинското вакцинирање на децата во западните земји помогна за опаѓање на бројот на заболените од сипаници. Но, во последните неколку години избивањето на епидемии од сипаници зачести.
– Најчесто, вината се припишува на оние родители кои не ги вакцинираат, или доцна ги вакцинираат своите деца. Но, станува извесно дека вакцинацијата на децата повеќе не е доволна во борбата против ширењето на епидемиите од сипаници – пишува британскиот магазин.
Од 2013 до 2017 година помеѓу 33 отсто и 63 отсто од годишните случаи на мали сипаници во Европа биле регистрирани кај лица постари од 14 години.
Последните научни истражувања објавени во магазинот „Наука“ покажуваат оти како што една држава се доближува кон потполно искоренување на сипаниците, така се зголемува возраста на оние кои не се имуни на заболувањето. Со други зборови, повторната вакцинација треба да опфати се повозрасни групи на луѓе. Главната причина за ваквата состојба се должи на зголемувањето на бројот на луѓе кои пропуштиле една или две задолжителни вакцинации кои се рутински за децата.
Постојат примери каде што цела генерација е подложна на сипаниците кога ќе достигне одредена возраст. Таков беше случајот со Велика Британија со луѓето родени во периодот од неколку години по 1998, кога сомнителна студија ги поврза вакцините против сипаници со појавата на аутизам, што одврати многумина родители од вакцинирање на нивните деца.
Голем дел од истражувањата се насочени кон предвидување на старосните групи кои се најмногу подложни на сипаници, со цел да помогнат во превенција на заразата. Мерењето на антителата во крвта, на пример, се корисни при предвидување на ризикот. Вакво испитување спроведено во Белгија во 2013 година, помогна да се одреди оти особено подложни на сипаници се луѓето помеѓу 20 и 30 години. Приоритетната вакцинација во Белгија тогаш се однесуваше на децата помеѓу 10 и 13 години.
Една од предложените солуции е порана вакцинација кај бебињата, но воведувањето на уште една вакцинација во време кога дел од луѓето се скептични кон практиката веројатно би било тешко изводливо, заклучува „Економист“.