Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес што ја погоди Турција во петокот се искачи на 35 лица, додека спасувачите се обидуваат да извлечат од урнатините 45 лица. Турските власти соопштија дека се регистрирани над 1.500 повредени лица.
Медиумите објавија снимки од една 35-годишна жена и нејзините млади ќерки како се извлечени од под урнатините, од страна на спасувачките тимови. Спасувачите, кои работеле цела ноќ на минусни температури, се обидуваат да најдат преживеани на три локации во покраината, пренесува „Ројтерс“.
Во знак на солидарност со настраданите, претседателот Реџеп Тајип Ердоган пристигна во Елазиг, во квартот Мустафа-паша, каде што се урнале две станбени згради. Ердоган вети дека државата ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да му помогне на населението. Министерот за здравство Фахретин Коча истакна дека 128 луѓе се згрижени во болници, од кои 34 се на одделите за интензивна нега, но не се во критична состојба.
Од почетокот на 2020 година, Турција веќе ја погодија неколку силни земјотреси. Во средата потрес со магнитуда од 5,4 ја погоди западната провинција Маниса, додека во четвртокот жителите на главниот град Анкара ги вознемири потрес со јачина од 4,5 степени според Рихтер. Во 2010 година провинцијата Елазиг беше погодена од земјотрес со јачина од шест степени, кога загинаа 51 лице.