Политичките новинари го бојкотираа брифингот на британската влада, откако соработник на премиерот Борис Џонсон им забрани присуство на одреден број известувачи. Конфронтацијата се случила внатре во Владата, откако Ли Каин, висок комуникациски советник на Џонсон, се обидел да ги отстрани репортерите на „Мирор“, „ХафПост“, „ПолитиксХоум“ и „Индипендент“ од официјалниот владин брифинг.
„Гардијан“ наведува дека инцидентот се случил во фоајето на британската влада, кога новинарите што биле на листата на поканети биле замолени да застанат на едната страна на тепихот, додека, пак, преостанатите биле замолени од обезбедувањето да стојат на другата страна. Потоа, во моментот кога Каин им порачал на забранетите новинари да заминат, преостанатиот дел од известувачите во знак на протест одлучиле колективно да го напуштат брифингот. Тие порачале дека нема да ѝ дозволат на британската влада да избира кој ќе ги проверува и кој ќе известува за извештаите за Владата.
Тактиката на британската влада, според „Гардијан“, потсетува на онаа на Доналд Трамп во САД, кој е познат по неговите обиди да ги исклучува новинарите од известувањето за неговите активности и претставува ескалација на тензиите помеѓу Џонсон и медиумите, кои се зголемија во изминатите недели. Пред изборите, комуникацискиот тим на Џонс им забрани на министрите да гостуваат во програмата на Би-би-си Радио 4, ја бојкотираше емисијата „Добро утро Британијо“ на Ај-ти-ви и одби да се појави на телевизијата Канал 4. Покрај тоа, на министрите им било забрането да ручаат со политичките новинари, а Доминик Камингс, висок советник на Џонсон, дури и формирал мрежа на шпиони што требало да известува за тоа дали други советници другаруваат со медиумите. Новинарите и претходно се соочувале со забранет пристап, но во најголем дел од случаите станувало збор за политички, а не за владини настани. Во текот на изборната кампања, весникот „Мирор“ беше исклучен од следењето на Џонсон во неговиот автобус, откако ториевците се пожалиле дека неговото онлајн-известување не било балансирано.