Британската министерка за здравство, Надин Дорис, заболе од коронавирус, објави лондонски „Тајмс“.
Како што се наведува, Дорис, која се разболела во петокот, а вчера ѝ било констатирано дека боледува од коронавирус, сега е во изолација и заздравува.
„Тајмс“ додава дека таа во последните денови се сретнала со стотина луѓе и дека била на прием со премиерот Борис Џонсон.
Министерката преку соопштение навела дека веднаш штом ги дознала резултатите ги презела сите пропишани мерки и се самоизолирала дома.
Во Велика Британија досега починаа шест луѓе од коронавирус, а заразени се 382. Последното лице кое почина е маж на околу 80 години.
Британската министерка не е единствена меѓу високи државни претставници кои се заразени со коронавирус. И францускиот министер за култура, Франк Ристер (46), е заразен и добро се чувствува.
Министерот за внатрешни работи на Германија, Херст Зехофер, е во доброволен домашен карантин, исто така и португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса.