Британската Влада го одобри текстот на договорот со ЕУ за условите за Брегзит, соопшти британската премиерка Тереза Меј.
Таа претходно денеска во Парламентот изјави дека нацрт договорот за излез од ЕУ го доведува Лондон значително поблиску до она за што гласаа Британците кога одлучија да ја напуштат Унијата.
Меј пред пратениците рече дека договорот значи дека Британија „повторно ќе преземе контрола“ над своите закони и граници „додека во исто време ги штити работните места, безбедноста и интегритетот на Обединетото Кралство“.
На министрите документот им беше даден пред седницата, за да го прочитаат.
Претходно, британски и ирски медиуми јавија дека британските и европските преговарачи постигнале договор за Брегзит во врска со основното спорно прашање – ирската граница.
Како што јави ирската државна телевизија РТЕ, двете страни се согласиле границата и понатаму да нема царина и други пречки.
Договорот треба да го одобри и ЕУ на самит кој ќе биде одржан во рок од неколку наредни недели. Потоа Меј треба да добие поддршка во Парламентот, во кој и пратениците кои го поддржуваат Брегзит, и оние кои се за ЕУ се закануваат дека ќе бидат против него.
Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март следната година.