Со излегувањето од ЕУ на 31 јануари, Британија повеќе нема да биде обврзана од европските позиции. Наклонета кон САД, Британија ризикува да ја игра истата улога како и Кина, која често ѝ дава поддршка на Русија, оценуваат високи функционери на ОН
На неодамнешното гласање во Советот за безбедност на ОН за странската помош за Сирија, Британија застана на страната на САД и апстинираше, што претставува ретка поделба со своите европски партнери и испраќа сигнали за нови такви моменти по брегзит. Некои од функционерите на ОН укажуваат на чудната позиција што Лондон ја усвои во текот на гласањето за резолуцијата за Сирија, подготвена од Германија и од Белгија, а поддржана од Франција и од Естонија. Покрај тоа, Британија по брегзит ќе мора да ја засили својата дипломатска мисија во Њујорк, бидејќи на состаноците во ОН повеќе нема да биде претставувана од европската мисија, наведува порталот „Еуроактив“.
– Британија добива независност. Во преговорите тоа, можеби, нема да смени многу. Но кога ќе дојде гласањето, дали да се употреби вето или не, тоа ќе има пресудно значење – изјави за АФП висок претставник на ОН.
Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Британија има право на вето исто како и Франција, САД, Русија и Кина.
– Со излегувањето од ЕУ на 31 јануари, Британија повеќе нема да биде обврзана од европските позиции. Наклонета кон САД, Британија ризикува да ја игра истата улога како и Кина, која често ѝ дава поддршка на Русија – додава дипломатот од светската организација.
Повеќе дипломати од ОН предвидуваат дека ќе има улога и приближувањето помеѓу претседателот Доналд Трамп и британскиот премиер Борис Џонсон. Тоа што е сигурно е дека поради брегзит, Британија ќе ги напушти сите европски состаноци за координација што редовно се одржуваат во Њујорк. Членот 34 од Договорот за Европската Унија наведува дека сите членки на ЕУ што се во Советот за безбедност на ОН треба заеднички да се консултираат и да ги бранат интересите на блокот.
Европските членки на Советот, сепак, очекуваат Лондон да продолжи со искрената соработка со нив во текот на транзицискиот период.
За заеднички позиции, најверојатно, ќе се одлучува од случај до случај, сметаат неколку дипломати, кои изразуваат надеж дека Британија ќе ја задржи подготвеноста да соработува со ЕУ на различни „жешки прашања“, како што се Иран или Северна Кореја. Досега, Париз, Берлин и Лондон одржуваа обединет фронт против американската одлука за повлекување од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Во Советот за безбедност, Франција најмногу е изложена на ризик од британското напуштање на ЕУ. Соочени со често непредвидливата администрација во Вашингтон, Лондон и Париз би можеле да претстават обединет европски фронт во тристраните преговори. Но во иднина Франција може да стане малцинство наспроти своите два партнера. Поради ротацијата на непостојаните членки на Советот, Франција исто така би можела да стане единствена членка на ЕУ во 2022 година, доколку Албанија ја наследи Естонија, а Ирска не е избрана во јуни.
Дали Лондон ќе се приближи кон групата КАНЗ (Канада, Австралија, Нов Зеланд), сите членки на Комонвелтот? Или ќе настапува самостојно како што прават Русија, Кина и Јапонија?
– Во вториот случај, Британија ризикува да биде вовлечена во американската орбита – предупредува високиот функционер на ОН.