Поранешниот детектив на лондонската полиција Колин Сатон, кој своевремено ја одби можноста да ја предводи истрагата за исчезнатата Медлин Мекен, смета дека нејзиното пронаоѓање е безмалку невозможно, пренесуваат британските медиуми.
Тој истакна оти телото на девојчето би можело да биде закопано во некој од 600-те стари бунари во португалското летувалиште Праја до Луш, каде што Медлин исчезна на 3 мај 2007 година.
Сатон, сепак, верува дека постои мала надеж за пронаоѓање на Медлин Мекен, откако беше одобрено финансирање на истрагата во наредните шест месеци, со 150 илјади фунти.
– Нејзиното пронаоѓање е безмалку невозможно без конкретни информации што би ја насочиле потрагата кон одредено подрачје, бидејќи станува збор за регион кој не е густо населен и каде што се наоѓаат бројни стари бунари. Таму е лесно да се сокрие нешто, со сигурност оти нема да биде пронајдено – кажа Сатон во неговото појавување во документарен филм што се емитуваше во Австралија.
Тој се надева дека некој што поседува информации за случајот ќе истапи за да открие што се случило со девојчето.
Тогаш тригодишната Медлин Мекен исчезна од апартман во португалското летувалиште Праја до Луш на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители Кејт и Гери беа на вечера во ресторан во близина.
Досега се потрошени околу 11 милиони фунти за финансирање на истрагата за пронаоѓање на девојчето. Родителите на Медлин јавно порачаа дека никогаш нема да се откажат од потрагата, со што досега собраа 728 илјади фунти за ангажирање на приватни истражители. Дополнителните парични средства се одобрени од британската влада.