Велика Британија треба да ја разгледа можноста за усвојување на практиката „нема вакцина, нема образование“, откако истражувачите откриле дека моментната стапка на имунизација нема да може да се избори против епидемијата на малите сипаници, пренесува „Гардијан“.
Кон овој пример се стремат многу држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија, каде што Владата донесе заклучок во училиштата да се запишат единствено деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ, односно потврда.
Италија воведе задолжително вакцинирање за децата на предучилишна возраст уште во 2017 година, поради ниската стапка на имунизација и епидемијата од мали сипаници. Франција го стори истото во 2018 година.
Во Македонија, поради состојбата со морбилите, Владата прогласи епидемија на територијата на целата држава. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во Македонија изнесува 24.023. Во Скопје, бројот на вакцинирани деца изнесува 13,684 од вкупно 16,361 невакцинирани деца. Од останатиот дел од државата, бројот на вакцинирани деца до 14 години со МРП вакцина изнесува 10,339 деца. С.Ку.