Британскиот Врховен суд донесе одлука со која го отвора патот за лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гваидо да стекне контрола врз венецуелското злато во Банката на Англија вредно над милијарда долари, пренесува „Блумберг“.
Судот во пресудата го прифати британскиот став за признавање на Гваидо за претседател на Венецуела, но нагласи дека допрва треба да биде одлучено од пониските судски инстанци дали в предвид треба да се земат и одлуките на венецуелскиот суд, за да се одреди кој ќе стекне право на златото.
Долгорочниот спор се води во британските судови откако Венецуела ја тужеше Банката на Англија за пристап до златото, тврдејќи дека е итно потребно во заедничките напори со Обединетите нации за борба против пандемијата на ковид-19.
Во меѓувреме поддршката на Гваидо опадна, а претседателот на Венецуела Николас Мадуро и натаму е на власт, со што и неговата партија доминира на изборите.
Правниот застапник на Централната банка на Венецуела, Сарош Заивала, порача дека странските влади ќе размислат двапати дали да чуваат средства во Обединетото Кралство по ваквата пресуда.
Венецуелската опозиција порача дека ако добие контрола врз златото, планира да го чува во рамките на напорите на Гваидо да ги обезбеди државните средства кои се наоѓаат во странство.
Мадуро се обидува да го повлече златото од Банката на Англија од 2018 година, потпирајќи се на фактот што медицинските залихи и хуманитарната помош не потпаѓаат под британските санкции врз неговата влада.