Британската влада изрази целосна поддршка за својот амбасадор во САД, Ким Дерок, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не сака повеќе „да има работа“ со него. Реакцијата на Трамп следуваше откако во јавноста протекоа дипломатски дописи, во кои британскиот амбасадор остро ја критикува актуелната администрација во Вашингтон. Според него, администрацијата на претседателот Трамп е неспособна и дисфункционална и мала е веројатноста дека ќе се подобри.
– Не го познавам амбасадорот, но за него немаат добро мислење во САД, ниту пак тој им се допаѓа. Не сакаме повеќе да имаме работа со него – порача Трамп на својот профил на Твитер.
Американскиот претседател ја критикуваше и британската премиерка Тереза Меј, порачувајќи дека за Британија е добра вест тоа што наскоро ќе има нов шеф на Владата.
Документите, кои неодамна ги објави „Мејл он сандеј“, содржат многу критични коментари на британскиот амбасадор за актуелната состојба на администрацијата на Трамп и нудат ретка шанса за увид во тоа како некои високи британски дипломати гледаат на Владата на најблискиот сојузник на својата земја.
– Не верувам дека оваа администрација ќе стане суштински понормална, помалку дисфункционална, помалку непредвидлива, помалку поделена, помалку дипломатски способна – оценил Дерок во една од низата објавени дипломатски преписки, што се однесуваат на периодот по 2017 година.