Политико

Воведувањето на 5Г мрежата во Брисел доцни поради загриженоста дека мобилните телефони предизвикуваат рак, а науката не може да го докаже спротивното.

Оливие Галан, портпаролот на активистите против употреба на мобилните телефони од Брисел „Гронд“ (што претставува игра на зборови од француските зборови за „бран“ и „опоменува“ – н.з.) вели дека „не се теоретичари на заговори“. Групата тврди дека „електросмогот“ што го емитираат телекомуникациските кули предизвикува сериозни здравствени проблеми, од рак па сè до проблеми со коските, и воедно настојуваат да ги запознаат политичарите со ова прашање.

Галан вели дека тие „не се против технологијата, туку бараат технологијата да го почитува здравјето“. Постојат малку докази дека радијацијата од мобилните телефони предизвикува здравствени проблеми, но бидејќи нема долгогодишни истражувања, само се засилуваат противењата за мрежната инфраструктура за мобилните телефони, поточно телекомуникациските кули. Противниците ја поттикнуваат загриженоста меѓу политичарите додека Европа се подготвува да потроши милијарди на нова опрема за поддршка на новите 5Г-системи.

Неуверливи се доказите зад одлуката на Брисел да го паузира воведувањето на 5Г. Со тоа што научниците не можат дефинитивно да одлучат дали е штетно зрачењето од мобилните телефони, скептицизмот на „Гронд“ добива сè поголема поддршка, а особено е силна загриженоста во Брисел, главниот град на Белгија и центарот на политиките на ЕУ.

Во април, белгискиот регион во кој спаѓа и Брисел, беше спречено воспоставувањето на 5Г мрежата поради наводно штетно влијание врз здравјето на луѓето. Откако се очекуваше да се стави во функција во 2020 година, работата на мрежата сега е одложена и се чека на понатамошните истражувања. Галан и „Гронд“, кои се против воведувањето на мрежата, тврдат дека тие се заслужни за менувањето на плановите.

Бриселскиот систем наиде на проблеми кога министерката за животна средина во регионот, Селин Фремо, од центристичко-левичарската Хуманистичка демократска партија, беше информирана дека 5Г мрежата нема да ги почитува радијациските ограничувања. Фремо за белгискиот весник „Ехо“ изјави дека „граѓаните на Брисел не се лабораториски глувци“.

Мобилната технологија наложува инфраструктурата да се воведе во рамки на заедницата која ја користи. Поради тоа стана цел на критиките на граѓанските организации како „Гронд“.

Сега кога проектот е блокиран во Брисел, активистите на „Гронд“ генерално молчат, а зборуваат само поставените плакати со лабораториски глувци. Но ако Брисел повторно сака да ги прошири радијациските граници, Галан вели дека тие со сигурност ќе протестираат.

Меѓународната жалба до ООН и до ЕУ за спречување на воведувањето на побрзите мрежи ја потпишаа 100.000 лица од 180 држави вклучувајќи и неколку научници и европратеници.

Лани во изјавата на научната комисија за ризици по здравјето и животната средина на Европската комисија беше потврдено дека „не постојат цврсти медицински докази, односно дека нема јасни докази со што  можноста за ненамерни биолошки последици останува отворена“.

Подготвила: Билјана Здравковска