Според пишувањата на европските медиуми, политиката на Брисел што се однесува на заострување на правилата за влез во шенген-зоната во ЕУ ќе се одложи за половина година, поради импликации во безбедносниот систем на Унијата и поради ефектите предизвикани од пандемијата
Строгата контрола на границите на ЕУ одложена на неодредено
Построгите правила за влез во шенген-зоната на ЕУ за граѓаните од трети земји, меѓу кои е и Македонија, а кои ги наметна ЕТИАС – (безбедносниот систем за патни информации на Унијата), многу веројатно ќе започнат да се практикуваат подоцна од планираното.
Имено, имплементацијата на новиот систем за влез на територијата на земјите-членки на ЕУ, кој според најавите требаше да започне да функционира на 1 јануари 2022 година, а се однесуваше најмногу на државјаните на земјите од Западен Балкан, ќе биде преместена за неколку месеци, односно за втората половина од следната година.
Според бриселскиот магазин „ЕУ опсервер“ причини за пролонгирањето на ЕТИАС се пандемијата, но и проблемите и доцнењето на системот за автоматизирана вкрстена проверка на податоците од апликантите со базите на иформации на Европол. Како што наведува медиумот, освен тоа што системот на европската полиција наиде на „комплексни правни прашања“ за пристап до податоците на апликантите, ЕУ во моментов има и недостиг од персонал што на терен ќе треба да ја спроведува работата на системот ЕТИАС.
Доверливите информации пречка за ЕТИАС
Овие недостатоци поради кои новите построги правила на Брисел за влез во ЕУ ќе се одложат за во иднина, впрочем се посочени и во неодамнешниот извештај на Европскиот совет. Во документот на Советот на Европа се наведува дека Брисел многу тешко ќе го спроведе на терен ЕТИАС поради строгите правила и закони за споделување доверливи информации на скандинавските земји, како на пример, Норвешка и Исланд. Извештајот понатаму посочува дека друга пречка за функционирањето на ЕТИАС во моментов е и кадровскиот дефицит на Европол, институција што заедно со Фронтекс ќе биде главна оперативна агенција за спроведување на ЕТИАС.
– Европол може да ги сподели информациите, вклучувајќи ги и личните податоци, но процесот може да биде одложен или блокиран поради сѐ уште недефинираните процеси за размена на доверливи информации со земјите-членки на ЕУ – стои во извештајот на Советот на ЕУ.
Зголемена сигурност или полнење на европскиот буџет?
Во меѓувреме, сепак, некои аналитичари оценуваат дека со воведување на системот ЕТИАС се наметнува и заклучокот дека ЕУ не само што се бори против потенцијални терористички закани туку на овој начин ќе се обиде да го дополнува буџетот, особено по излезот на Велика Британија од европскиот блок.
Со планираното стапувањето во сила на системот ЕТИАС во 2022 година, секој од патниците од земјите на Западен Балкан, како и од САД, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и така натаму, ќе мора најмалку 48 часа пред патувањето електронски да аплицира, што подразбира електронско пополнување формулар во кој треба да се впишат лични податоци, како и информации за патувањето.
Во Европската Унија нагласуваат дека влез ќе им биде одобрен на сите што не ги прекршиле внатрешните правила на ЕУ и не претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните од земјите-членки на Унијата.
Според досега достапните информации на оваа тема, издавањето на електронските документи ќе чини седум евра, односно шест фунти, а ќе биде бесплатно за помладите од 18 години и за постари лица од 70 години.
Оваа цена, според пишувањата на европските медиуми, ќе го оправда покривањето на трошоците за обработка на податоците на европските безбедносни институции.