Опасноста од нови насилства е уште поголема доколку Лондон и Брисел не успеат да се договорат за границата помеѓу Ирска и Северна Ирска. Па, така, најновите инциденти со писма-бомби, за кои одговорноста ја презеде групата Нова ИРА, се поврзуваат токму со процесот на брегзит и сѐ поголемите изгледи од повторно воведување „тврда граница“ на островот, пренесуваат британските медиуми
Излегувањето на Британија од Европската Унија, популарниот брегзит, сериозно се заканува да ја наруши безбедноста на земјата, засилувајќи ги активностите на ирските сепаратисти. Опасноста од нови насилства е уште поголема доколку Лондон и Брисел не успеат да се договорат за границата помеѓу Ирска и Северна Ирска. Па, така, најновите инциденти со писма-бомби, за кои одговорноста ја презеде групата Нова ИРА, се поврзуваат токму со процесот на брегзит и сѐ поголемите изгледи од повторно воведување „тврда граница“ на островот, пренесуваат британските медиуми.
Безбедносни извори оценуваат дека околу 200 републикански дисиденти на островот Ирска се сметаат за безбедносна закана. Сепак, според нив, бројот на лица што го поддржуваат републиканското дисидентство е многу поголем. Станува збор за лица што обезбедуваат насоки, информации, па и технолошко знаење, но не се директно вклучени во терористички напади.
Одговорноста за петте писма-бомби што беа испратени до четири локации во Лондон и една во Глазгов ја презеде групата Нова ИРА. Истата терористичка група го изврши и нападот со автомобил-бомба во јануари во градот Дери.
Безбедносните служби, како што пренесува „Ајриш тајмс“, сметаат дека Нова ИРА, која е формирана во 2012 година, е најголема дисидентска група, во која членуваат постари лица, членови на Преодна ИРА, и помлади дисиденти, од кои некои биле бебиња, па дури и не биле родени кога беше потпишан договорот од Белфаст во 1998 година. Нова ИРА има најголема поддршка во Дери и всушност е комбинација од неколку групи, вклучувајќи ги и Вистинска ИРА и Републиканската акција против дрога, која е „специјализирана“ во тепање и малтретирање на осомничените дилери на дрога. Иако е многу помала група од Преодна ИРА, со многу помала јавна поддршка и помал капацитет, Нова ИРА се „прослави“ преку кампањата со насилство, вклучувајќи и убиства.
– Сметаме дека тие ја следат ситуацијата и бараат шанса. Нешто како брегзит сигурно има моќ да ги охрабри, особено ако повторно има тврда граница за напаѓање – изјави за „Ајриш тајмс“ припадник на британските безбедносни служби.
Според него, евентуалното значително намалување на поддршката за Шин Фејн во иднина, особено во делови на Белфаст или Дери, поради разочарувањето од републиканизмот, може да резултира поголем број лица, особено млади луѓе, да се свртат кон екстремизмот. Покрај нападите со писма-бомби и со автомобил-бомба, се смета дека Нова ИРА е одговорна за поттикнување на безредијата во Дери минатото лето, кога млади луѓе се судрија со безбедносните служби. Оваа група стои зад убиството на затворскиот чувар Дејвид Блек (52) во 2012 година. Уште еден затворски чувар, Адриан Исмеј, го загуби животот откако бомба, поставена од Нова ИРА, експлодира под неговиот автомобил во 2016 година.
Од друга страна, британскиот министер за внатрешни работи Саџид Џавид предупреди дека водечки криминални фигури, вклучувајќи и терористи на ИРА што се во притвор во Ирска врз основа на Европскиот налог за екстрадиција (ЕНЕ), би можеле да бидат пуштени на слобода во случај на брегзит без договор.
Ваквото кошмарно сценарио, според „Гардијан“, може да стане реалност, бидејќи со брегзит без договор веднаш ќе ја отстрани правната основа за ЕНЕ, принудувајќи ги ирските власти да се вратат на покабестата Европска конвенција за екстрадиција од 1957 година.