Лидерите на ЕУ на синоќешниот вонреден Самит во Брисел постигнаа договор за одлагање на британското истапување од Унијата до 31 октомври, со дополнително разгледување на ваквата одлука на средбата на врвот во јуни, објави на Твитер претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Тој информира дека и британската премиерка Тереза Меј се согласила со одлуката за одлагање на Брегзит за шест месеци.
– Земјите членки на ЕУ се согласија на флексибилно одлагање до 31 октомври. Тоа значи дека Обединетото Кралство добива дополнителни шест месеци за да најде најдобро возможно решение – додаде Туск во објавата, потенцирајќи дека до пролонгираниот рок Лондон ќе може да осмисли своја стратегија за напуштање на Унијата.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, пак, соопшти дека лидерите на ЕУ ја донеле ваквата одлука за да спречат Брегзит без договор.
– Ќе имаме Брегзит со договор- нагласи Јункер.
Ирскиот премиер Лео Варадкар по завршувањето на Самитот информира дека Меј се согласила Велика Британија да учествува на изборите за Европскиот парламент, закажани за во мај.
– Ако не го стореше тоа, датумот за напуштање (на ЕУ) без договор ќе беше 1 јуни- додаде Варадкар.
Одлуката на лидерите на ЕУ следи по барањето на Меј од минатата недела за одлагање на Брегзит до 30 јуни.
Меј, од своја страна, синоќа изјави дека и било тешко да побара ново одлагање на британското истапување од ЕУ, но дека сега Лондон добил јасен распоред за своите активности.
– Сега треба да забрзаме и да вложиме напори за постигнување консензус околу договорот (за Брегзит), бидејќи тоа е во наш национален интерес- изјави британската премиерка.
Меј нагласи дека нема да се преправа оти следните неколку недели ќе биде лесни и дека постои едноставен начин за излез од ќор-сокакот со усвојувањето на Договорот во британскиот Парламент.
Според Меј, доколку Долниот дом на британскиот Парламент го усвои Договорот за Брегзит најдоцна до 22 мај, тогаш Велика Британија нема да учествува на изборите за Европарламентот.
Таа нагласи и дека сака Велика Британија да ја напушти Унијата што поскоро, но само со Договор.
Дипломатски извори информираа дека повеќето лидери учесници на Самитот во Брисел, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел начелно ја прифатиле идејата за одлагање на британското напуштање на блокот за една година, додека францускиот претседател Емануел Макрон изнел цврст став против подолгорочно одлагање на Брегзит.
Извори од Елисејската палата соопштија дека во ваквиот став Макрон не бил изолиран, бидејќи и други лидери се согласиле со него.
На претходниот Самит на ЕУ, одржан минатиот месец, лидерите на ЕУ решија дека доколку Парламентот во Лондон не го усвои Договорот за Брегзит, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата в петок, на 12 април, на полноќ.