Ако Велика Британија ја напушти ЕУ на 29 март без договор, во Велика Британија ќе бидат загрозени 300.000 работни места во туризмот и 400.000 во Европа.
Брегзит без договор ќе предизвика загуба од 18,6 милијарди фунти за економијата на Велика Британија и загуба од 22 милијарди фунти за економијата во ЕУ, стои во анализата на Светскиот совет за патувања и туризам направена врз основа на предвидениот пад на економската активност на Островот за 7,7 проценти.
Туристичката индустрија во британскиот БДП придонесува со 213,8 милијарди фунти, и има четири милиони работни места. Туризмот во БДП во земјите од ЕУ носи повеќе од 1,5 трилиони евра и генерира 27,3 милиони работни места.
– Велика Британија е петта најголема туристичка економија во светот и брегзит без договор ќе има навистина драматично влијание. Според предвидувањата на ММФ, за Европа тоа вкупно би можело да биде загуба од 40 милијарди фунти и 700.000 работни места. Нашите членки веќе го гледаат влијанието врз нивното работење и вработеноста- изјави Глорија Гуевара, претседателка и извршна директорка на Светскиот совет за патувања и туризам, кој обединува туристички професионалци од целиот свет, но и претставници на влади.