Вонредното намалување на даноците и поголемата јавна потрошувачка, кои ќе имаат цел да ги ублажат последиците од брегзит без договор, ќе го доведат долгот на британската влада до највисоко ниво во изминатите 50 години, предупреди британскиот Институт за фискални студии (ИФС).
Во анализата на ИФС се наведува дека размерот на одговорот на британската влада за да ја спаси загрозената економија во случај на напуштање на Европската Унија без договор најмногу ќе го погоди домашниот буџет. Во предупредувањето до премиерот Борис Џонсон, чиј план се соочува со голем отпор дома и во странство, ИФС порачува дека владините задолжувања двојно ќе се зголемат наредната година, без разлика на исходот од преговорите со Брисел.
– Националниот долг ќе достигне 90 отсто од БДП доколку Британија ја напушти ЕУ без договор, што е највисоко ниво од средината на 1960-тите – заклучува ИФС во опсежната анализа за економските последици од брегзит.