Властите во Бразил денеска објавија налог за апсење пет лица поради одговорност за несреќата предизвикана со уривање на рударската брана, при што животот го загубија најмалку 65 лица.
Налозите за приведување се издадени во Сао Паоло и во државата Минас Жераис, каде во петокот и се случи несреќата, по која речиси 300 луѓе се водат како исчезнати, додека цел еден мал град беше прелиен со речна кал и рударски отпад.
Три налози за апсење се однесуваат на лица, кои работеле за „Вале СА“, рударската компанија, која ја поседувала и управувала браната. Компанијата потврди дека соработува со властите во рамки на истрагата.
Покрај тоа, германската фирма „ТУЕВ Сеуд“, која вршела инспекција на браната, исто така, потврди дека двајца нејзини службеници се уапсени, но одби да прецизира дали се уапсени лица од минхенското седиште на компанијата или од нејзината бразилска филијала.
Судијата од државата Минас Жераис, Салиба Брито, која ги потпиша налозите за апсење, напиша дека оваа катастрофа можела да се избегне.
– Не е убедливо дека брана со таква широчина, која ја води една од најголемите рударски компании во светот, да попушти одеднаш без никакви индикации дека такво нешто ќе се случи, се наведува во нејзината одлука.
Полковникот Евандро Боргес од воената полиција изјави дека официјалниот број на загинати досега е 65, иако и денеска се пронајдени повеќе тела.
Се очекува во текот на денот да се соопшти ажуриран број на загинати, како и дека 288 лица, од кои повеќето се вработени од компанијата „Вале“, се водат како исчезнати.