Боцвана ја укина забраната за лов, повикувајќи се на зголемениот број инциденти меѓу слоновите и луѓето во текот на петте години додека забраната беше на сила.
Јужноафриканската нација, која е дом на 130.000 слонови – или околу една третина од населението на континентот, ја воведе забраната во 2014 година за да го спречи нелегалното ловење слонови.
Но, иако слоновите се популарни кај туристите, локалното население се жали дека тие ги оштетуваат нивните посеви и влијаат на приходите за живот.
-Се чини дека бројот на предатори се зголеми, а тие предизвикуваат многу штета бидејќи го убиваат добитокот во голем број- се вели во изјавата на министерството за животна средина од средата.
Африканскиот слон – кој е класифициран како загрозен вид од страна на Меѓународната унија за заштита на природата – се повеќе доаѓа во контакт со луѓето, бидејќи неговото природно живеалиште се намалува.
Поради тоа, слоновите често ги уништуваат посевите, го убиваат добитокот, а понекогаш дури и повредуват луѓе, наведуваат од унијата.
Во јуни минатата година, Боцвана формираше под-комитет на кабинетот за ревизија на забраната за лов. Беа консултирани локалните власти, засегнатите заедници, невладините организации, туристичките оператори и еколози, објави Министерството.
На почетокот на оваа година, министрите во Боцвана предложија укинување на забраната. Но, еколозите предупредуваат дека слоновите би можеле да исчезнат доколку не бидат заштитени.