Британскиот премиер Борис Џонсон прогласи победа на својата Конзервативна партија, која освои убедливо мнозинство на изборите што се одржаа вчера.
Тој кажа дека неговата влада добила силна поддршка за завршување на процесот за излез на земјата од Европската Унија.
Џонсон e реизбран за пратеник во изборната единица Аксбриџ во северен Лондон.
Би-би-си објави дека според првичните резултати, конзервативците освоиле 364 пратенички места, додека лабуристите освоиле 203 места. Шкотските националисти освоија 48 места. Во британскиот парламент има вкупно 650 пратеници. На Џонсон за победа му беа потребни 326 места.
Лабуристичката партија доживеа тежок пораз – изгуби 71 пратеник, а освоените пратенички места се најлош резултат на партијата од 1935 година. Лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, изјави дека неговата партија имала многу разочарувачка ноќ, додавајќи дека тој веќе нема да се кандидира.
Би-би-си објави дека лабуристите изгубиле во изборните единици во кои гласачите дале силна поддршка за брегзит во 2016 година.