Поранешниот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон, кој беше еден од најжестоките критичари на Договорот за Брегзит, што го постигнаа Владата во Лондон и ЕУ, е се поблизу до одлука да го поддржи документот, тврди заменикот политички уредник на лондонскиот весник „Дејли Телеграф“, Стивен Свинфорд.
– Борис Џонсон е се поблизу до прифаќање на планот на премиерката – објави Свинфорд на Твитер.
Според него, Џонсон ја најавил таквата можност на „еден настан“, каде изјавил оти „постои видливо и растечко чувстово“ дека доколку Долниот дом на британскиот Парламент одново не го прифати Договорот за Брегзит, можно е Велика Британија никогаш да не ја напушти ЕУ.
– Тое претставува ризик – навидно изјавил Џонсон.
Долниот дом на Парламентот во Лондон досега во два наврати го отфрли Договорот за Брегзит, што лани во ноември го постигнаа Владата на британската премиерка Тереза Меј и Брисел.
Лидерите на ЕУ минатата недела го условија одлагањето на Брегзит, првично предвиден за 29 март, за до 22 мај, доколку Парламентот во Лондон го прифати Договорот за британското истапување од ЕУ. Доколку Парламентот не го прифати документот, според одлуката на Самитот на ЕУ, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.
Инаку, Меј од лидерите на ЕУ бараше Брегзит да биде одложен до 30 јуни.