Советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, изјави дека Русија, Кина, Иран, Венецуела и Северна Кореја настојуваат да пласираат лажни информации за несогласувањата во администрацијата на претседателот Доналд Трамп и дека во тоа им помагаат некои американски медиуми, пренесе „Геополитика њуз“.
– Имаме озбилни причини да се сомневаме дека Северна Кореја, Иран, Венецуела, Русија и Кина донеле одлука да се обидуваат да шират дезинформации во врска со американската администрација, како претседателот и неговите советници имаат несогласувања и слично, а вие можете сами да се уверите во тоа. Притоа, членовите од дел од американските медиуми ги прифаќаат тие дезинформации – рече Болтон на конференцијата „Вол стрит журнал“.
Сепак, Болтон во неговото излагање не даде никаков конкретен доказ за своите тези.
Треба да се прецизира дека тезите за несогласувањата во американската администрација не доаѓаат од било кого, туку од поранешни државни службеници кои работеле за Трамп или во различни министерства на американската влада кои во меѓувреме добиле отказ, констатираат од „Геополитика њуз“.
Според оценките на еден од главните американски аналитички центри „Брукингс институшн“, кои беа пренесени и од „Њујорк тајмс“, во три години од почетокот на преземањето на претседателството од страна на Трамп, неговата администрација ја напуштиле 29 лица, а уште 20 се сменети од раководни функции во различни министерства.
Важно е да се спомене дека дел од службениците на администрацијата на Трамп беа принудени од отстапат од должноста токму поради притисокот од Џон Болтон, завршуваат од „Геополитика“.