Степанакерт, главната енклава на етничките Ерменци во Нагорно-Карабах, вчера беше жестоко бомбардиран, а двете страни применија моќни оружја со долг дострел
ЦИВИЛИТЕ ГО ПЛАЌААТ ЦЕХОТ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА ТЕШКО ВООРУЖУВАЊЕ ВО КОНФЛИКТОТ НА КАВКАЗОТ
Автор: Ендру Крамер
Њујорк тајмс
Рузана Авагјана (53), социјалната работничка од етничката ерменска енклава во Нагорно-Карабах, претрпе шок во нејзиниот подрум во текот на експресната ескалација на воениот конфликт со Азербејџан. Борбите во Нагорно-Карабах, кои досега се најжестоки откако изби безмилосната етничка војна во регионот, на почетокот на 1990-тите години, избија повторно пред една недела и ја натераа Авагјана да се скрие под земја. Таа забележа шест-седум експлозии во секој од првите неколку дена додека се криеше во подрумот, нешто повеќе во неделата, а многу повеќе вчера, при што веќе се откажа од броење. Потоа, зградата во која таа живее беше директно погодена.
– Луѓето се исплашени, слушав фучење од неколку страни. Не можев да сфатам каде ќе паднат, а потоа слушнав експлозија – изјави Авагјана во телефонско интервју.
Додека горела нејзината зграда, таа успеала да избега без повреди. Неколку секунди по експлозијата во нејзината зграда, лицата што се криеле во подрумот успеале да избегаат исто така. Чад се ширел од највисокиот кат. Авагјана истакна дека „било болно да се гледа“ градот по бомбардирањата.
Степанакерт, кој некогаш беше град на убаво средени булевари и величествени камени куќи, сега е во руини од бомбардираните згради. Вчера беше жестоко бомбардиран втор ден по ред, како што соопшти ерменската армија. Од азербејџанска страна, властите изјавија дека ракети паднале во станбена област во Гања, вториот по големина град во државата. Најмалку 250 лица загинаа во скорашните борби, вклучувајќи десетици цивили на двете страни, според официјални извештаи.
Досега, борбите на фронтот беа заплеткани и нејасни. Извештаи од двете страни невозможно беше независно да се потврдат. Двете држави во минатото се заканија дека ќе целат на стратегиска инфраструктура со оружја со долг дострел што предизвика загриженост дека конфликтот може да се интензивира. Во текот на викендот и вчера, двете страни истрелаа руски ракети со долг калибар познати како „смерч“ или „торнадо“, велејќи дека биле наменети за воени цели. Нагорно-Карабах вети дека ќе му возврати ударот на Азербејџан поради бомбардирањето на Степанакерт.
Ракети веќе беа истрелани врз Гања, вториот азербејџански град по големина во неделата. Нагорно-Карабах порача дека целел врз воениот аеродром во градот, но фотографиите објавени во азербејџанските медиуми покажуваат разрушени куќи. Руски телевизиски канал објави слики од неексплодирана ракета „смерч“ која под агол стрчеше од паркинг на азербејџанска хидроелектрична станица што укажува на целење на стратегиска инфраструктура.
Бомбардирањата покажуваат дека е возможен поширок конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан, како што смета Кери Кавано, поранешен американски амбасадор и посредник во претходните мировни преговори. Исто така, можни се поголеми последици од конфликтот. Ако Ерменија цели на нафтоводите и гасоводите во Азербејџан, тогаш соседна Грузија може да го загуби дотурот на гориво пред зимата, како што смета Кавано. Присутен е и ризикот од ширење на коронавирусот меѓу војниците кои се распоредени во бункерите и во рововите, вели тој, што потсетува на ширењето на смртоносниот вирус на грип за време на Првата светска војна. Понатамошното бомбардирање би можело да резултира со нов бран на бегалци бидејќи цивилите бегаат од борбите.
Превод: Билјана Здравковска