Според безбедносната американска студија, светот во наредните две децении ќе биде подложен на поинтензивни каскадни и глобални предизвици, почнувајќи од болести и климатски промени до нарушувања од новите технологии и финансиски кризи, кои ќе донесат и можна ерозија на светската демократија

Во наредните години и децении, светот ќе се соочи со поинтензивни и каскадни глобални предизвици, почнувајќи од болести и климатски промени до нарушувања од новите технологии и финансиски кризи. Русија и понатаму ќе биде „растечка и ревизионистичка“ моќ, која заедно со Кина ќе се обидува да направи преобликување на меѓународниот поредок, во кој и понатаму сепак ќе доминираат западните институции и норми. Ова меѓу другото се вели во извештајот, насловен „Глобални трендови 2040“, кој е подготвен од Националниот разузнавачки совет на САД, а кој се прави на четири години и дава широк опсег на глобалните трендови и потенцијалните сценарија што најверојатно ќе го обликуваат амбиентот за национална безбедност на САД во наредните 20 години. Имено, како што наведува американската безбедносна студија, Русија веројатно ќе остане „моќ за нарушување“ во наредните две децении на американските политики, но нејзиното глобално влијание може да опадне пред многубројните политички, економски и општествени ветрови.

Русија и Кина и понатаму главни пречки за
Американците

Врвните американски разузнавачки аналитичари сѐ уште ја опишуваат Русија како „растечка и ревизионистичка“ моќ, заедно со Кина, која е желна за преобликување на меѓународниот поредок во кој доминираат западните институции и норми, за геополитиката да ѝ одговара на желбата на Москва за традиционални вредности и немешање во нејзините внатрешни работи и да остане рускиот доминиран протекторат, кој ќе покрива голем дел од Евроазија.
– Русија веројатно ќе остане моќ на нарушување во повеќето или во текот на наредните две децении, дури и кога нејзините материјални можности опаѓаат во однос на другите големи играчи – се наведува во американскиот извештај, кој го пренесува РСЕ.
Според безбедносната анализа, Москва ќе продолжи да игра улога на глобална сила и покрај сѐ.
– Предностите на Русија, како на пример голема конвенционална војска, оружје за масовно уништување, енергија и минерални суровини, експанзивна географија и демографија и подготвеност за употреба на сила во странство, ќе ѝ овозможат да продолжи да игра улога на спојлер и брокер на моќ во постсоветскиот простор, а на моменти и подалеку – се оценува во студијата.
Извештајот сугерира дека Русија ќе продолжи да ја користи информативната војна за да ги засили поделбите на Западот. Интересно е што американските безбедносни експерти прогнозираат дека во наредните две декади Москва заедно со Пекинг веројатно ќе го прошири влијанието во Африка, Блискиот Исток и на други места како Арктикот.

Глобална миграција и климатски промени

Миграцијата и климатските промени исто така се во фокусот на американскиот извештај, во кој беа забележани тешките адаптации што треба да ги направат земјите, како што се градење складирање дождовница и зајакнување на крајбрежните ѕидови. Климатските промени дополнително би ја поттикнале глобалната миграција, која веќе се зголемува, исто така предвидува студијата. Интересно е што експертите, пак, тврдат дека технолошките иновации и соработката меѓу Кина и Западот се клучот за приспособување кон климатските промени, демографските поместувања и другите предизвици во наредните години. Американските разузнавачи предвидуваат и дека алгоритмите, социјалните медиуми и вештачката интелигенција, но и непроверените информации, во иднина ќе ја направи јавноста поранлива на дезинформациите и овој проблем допрва ќе биде сериозен.

Што се предвидуваше пред четири години?

Во извештајот на американските разузнавачи, како што пренесува РСЕ, направен во 2017 година, се предвидуваше дека националистички политичари во светот ќе ги еродираат сојузите. Пред четири години американските разузнавачи предвидоа и пад на цената на нафтата, но и повеќе изолационистички трговски практики. Исто така, тогаш се предвиде и пандемија (иако во 2023 година, а не во 2020 година), која тогаш се зборуваше дека ќе ги ограничи патувањата, ќе предизвика економска вознемиреност и ќе ги влоши постојните трендови кон изолација. Во новиот извештај американските разузнавачи за новиот вирус велат дека тој ќе биде сличен како и терористичките напади на 11 септември 2001 година, а пандемијата на ковид-19 веројатно ќе произведе некои промени што ќе се чувствуваат во годините што доаѓаат. Колку од овие работи ќе се остварат, останува да видиме.