Светскиот наталитет е намален за половина од 1950 година, и постојат големи разлики според животниот стандард во одделни земји, се наведува во студија на Институтот за методологија и здравствена проценка во Вашингтон.
Деведесет и една земја, главно во Европа и на американскиот континент, немаат доволно новороденчиња, за да го задржат сегашниот број на население.
Ситуацијата во Африка и Азија е различна – раѓањата таму се зголемуваат, според истражувањето на Институтот, финансирано од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.
Кипар е најмалку „плодна” нација на земјата, со во просек едно раѓање по жена, според податоците на Институтот. Спротивно е со жените во Мали, Чад и Авганистан, кои просечно раѓаат шест бебиња или седум во Нигерија.
Покрај, социо-економските фактори, кои ја објаснуваат оваа нееднаквост, образованието игра особено важна улога, велат авторите на студијата.
Обично зголемувањето на населението во земјите во развој е придружено со подобрување на животниот стандард, освен ако не се погодени од војни или други катастрофи, посочува Али Мокдад од Институтот за методологија и здравствена оценка.
-Колку повеќе се подобрува економијата на овие земји, толку е поверојатно да се намали нивниот наталитет, прецизира Мокдад.
Продолжувањето на човечкиот живот е зголемено од 1950 година од 48 на 71 години во просек за мажите и од 53 до 76 години во просек за жените во светот.