Во летото 2018 година, со тврдењето дека смртта е најсигурниот двигател за промени на Блискиот Исток, го вклучив султанот на Оман, Кабус бин Саид, на списокот на четворица лидери чие заминување ќе го разниша регионот. Тројцата други беа кралот Салман бин Абдулазиз од Саудиска Арабија, врховниот лидер Али Хамнеи од Иран и големиот ајатолах Али Систани од Ирак, пишува Боби Гош во неговата колумна за „Блумберг“.
Во согласност со невообичаениот механизам за сукцесија во Оман, Кабус би номинирал наследник во запечатено писмо, кое се отвора по неговата смрт, но само доколку неговото проширено семејство не можело да дојде на консензус. Јас предвидував дека „од необичниот процес тешко може да се очекува дека ќе помине непречено“.
Потполно згрешив. По смртта на Кабус минатата недела, сукцесијата си се одвиваше непречено и брзо. Семејството одлучи дури и да не се обиде да постигне консензус. Наместо тоа, пликот беше отворен, а изборот на покојниот султан неговиот роднина Хајтам бин Тарик беше востоличен.
Без разлика дали оваа одлука претставува намалување на одговорноста од страна на семејството или доброволно откажување од привилегијата, образложението за тоа е едноставно. Внуците, свесни дека Оман се соочува со совршено невреме на економски и геополитички пресврти, сметаа дека не можат да си дозволат расправа која потенцијално ќе ги продлабочи несогласувањата за сукцесијата. Беше императив да се зачува консензусот што Кабус го создал во текот на изминатите пет децении.
Владеењето на Хајтам започнува и со благослов и со клетва на Кабус. Бидејќи тој беше избор на починатиот султан, ниту еден член на оманското кралско семејство не може да го доведе во прашање неговото право на владеење, добра позиција за започнување на преговори во врска со совршената бура.
Но, новиот владетел ќе сфати дека неговиот политички легитимитет е подложен на законот на опаѓачки приноси. Отсега тој ќе биде вреднуван по неговиот учинок. За дополнително усложнување на ситуацијата, Хајтам ќе биде оценуван според високите стандарди поставени од неговиот претходник.
Под водство на Кабус, Оман помина пет децении на политичка стабилност, што е реткост за регионот. Уште поимпресивен е континуираниот економски развој. Оман е единствената држава од Блискиот Исток, и една од 13-те во светски рамки во повоениот период, што оствари годишен раст од седум отсто во изминатите 25 години.
Овие постигнувања заедно со дипломатските способности на Кабус му овозможуваа на Оман да стане медијатор при препирките во раскараниот регион, дури при судирот помеѓу една суперсила и регионална сила. Постои јасна поврзаност помеѓу медијаторството на Кабус и нуклеарниот договор помеѓу САД и Иран од 2015 година.
И покрај тоа што Хајтам вети дека ќе ја задржи позицијата на неговата држава како регионален миротворец, од него веројатно нема да се очекува да ја заземе улогата на Кабус во сегашната конфронтација помеѓу администрацијата на Доналд Трамп и Иран. Моментно не е јасно дека двете страни сакаат посредник. Дури и да сакаат, има други кандидати – од кувајтскиот шеик Сабах ел Ахмед ел Џабир ес Сабах до јапонскиот премиер Шинѕо Абе.
Ова би било олеснување за новиот султан, бидејќи би му овозможило да се концентрира на внатрешните работи на Оман – економските потешкотии и тензиите со сооседните Обединети Арапски Емирати.
Репутацијата на Кабус значеше дека ниту еден друг владетел во Советот за соработка во Персискиот Залив отворено не би ги довел во прашање неговите мотиви. Сега е извесно дека Хајтам ќе биде под поголем притисок. Добивајќи благослови од Кабус, семејството и од државата – може само да се надева дека ќе ја избегне и придружната клетва.