Би-би-си одлучи да пресели дел од компанијата во Амстердам, Холандија, за да може да продолжи да емитува своја програма во земјите во ЕУ во случај на брегзит без договор, јави Блумберг.
Би-би-си во Амстердам не ја сели редакцијата туку дел од комерцијалната продукција. Причина за тоа е што ако Британија излезе од ЕУ без постигнат договор, британските медиумски куќи прекуноќ ќе останат без лиценци за емитување програми во земјите на ЕУ, со што би загубиле приходи од стотици милиони евра. Освен Би-би-си, дел од бизнисот претходно од Британија префрлија и Дискавери, Вајаком и Комкаст.
Инаку, британските пратеници завчера усвоија закон што ја принудува премиерката Тереза Меј да побара одложување на брегзит по 12 април за да се избегне сценариото „брегзит без договор“. ЕУ треба да реши дали да го прифати британското барање за одложување во момент кога траат преговорите меѓу власта и опозицијата во Британија за наоѓање најдобро решение за брегзит.