По изборите, Германија и Франција се судрија за челната функција во ЕУ, претседателството со Европската комисија. Двете најмоќни членки не можат да се согласат кој да го наследи Јункер. Берлин смета дека ЕУ треба да се води од принципот на „шпиценкандидат“ и да го поддржи Вебер како водечки кандидат на најсилната група во Европарламентот, Европската народна партија. Сепак, Париз не мисли така, па полека гради сојуз што ќе предложи свој кандидат
По европските избори, во ЕУ почна битка за најважните функции во институциите на блокот, при што Германија и Франција веднаш се судрија околу изборот на наследник на Жан Клод Јункер на позицијата претседател на Европската комисија. Европската народна партија и понатаму има најмногу пратенички места во Европскиот парламент, но далеку од потребното мнозинство, па затоа нејзиниот водечки кандидат Манфред Вебер остана без загарантираната функција шеф на Еврокомисијата. Аналитичарите предвидуваат долга борба за формирање коалиција и за распределба на водечките функции во европските институции.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој им се приклучи на либералите во новата умерена политичка сила со 109 освоени места во Европскиот парламент, во понеделникот се сретна со шпанскиот премиер и најистакнат лидер на социјалистите, Педро Санчез, во обид да формира нов сојуз што ќе може да го спречи кандидатот на ЕПП, Вебер, да застане на позицијата шеф на Европската комисија, нагласува „Политико“.
Според магазинот, битката за претседател на комисијата се бие на два фронта. Првиот се однесува на судирот меѓу двете главни политички семејства во ЕУ. Од една страна се конзервативците од ЕПП, кои инсистираат дека имаат право да ја добијат челната позиција во комисијата бидејќи освоиле најмногу европратенички места (180). Од друга страна се социјалистите, либералите и зелените, кои велат дека заеднички имаат 324 мандати со јасно мнозинство да го урнат досегашниот монопол на ЕПП врз институциите на ЕУ.
Вториот фронт се однесува на судирот меѓу Европскиот парламент и Европскиот совет. Парламентот бара од лидерите на ЕУ да го почитуваат принципот на „шпиценкандидат“, според кој позицијата шеф на Европската комисија треба да му припадне на водечкиот кандидат на групата што освоила најмногу места во Европарламентот, односно Вебер и ЕПП. Од друга страна, повеќе лидери на ЕУ сметаат дека не се обврзани да го почитуваат овој принцип, а таков став веќе изнесе и Макрон.
Имајќи ја предвид поддршката за принципот на „шпиценкандидат“ во парламентот, Макрон би можел да се обиде да ја блокира кандидатурата на Вебер во Европскиот совет, каде што либералите и социјалистите заедно имаат 15 од 28 места. Макрон вчера се сретна со социјалистичкиот премиер на Шпанија, либералните премиери на Холандија и на Белгија, како и со социјалистичкиот премиер на Португалија, кој уште пред средбата изјави дека Вебер не треба да биде номиниран. Сите 28 лидери на ЕУ вчеравечер требаше да разговараат на вечера во Брисел, по покана од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ги води преговорите за идните европски челници и кој изрази надеж дека одлуките за распределбата на функциите ќе бидат донесени до крајот на јуни. Лидерите на ЕПП, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел, се очекуваше да застанат зад Вебер на свој мини-самит вчера пред средбата на сите челници на ЕУ. Кандидатурата на Вебер доби нов удар по веста дека еден од неговите најголеми поддржувачи во Европскиот совет, австрискиот канцелар Себастијан Курц, остана без функција откако парламентот ѝ изгласа недоверба на неговата влада поради аферата „Ибицагејт“. ЕПП има девет места во Европскиот совет, но еден од нејзините членови, унгарскиот премиер Виктор Орбан, беше суспендиран од групата и сега тој е против Вебер.
Од Елисејската палата велат дека целта на Франција е да им стави до знаење на другите лидери на ЕУ дека сака „да ја загарантира новата политичка реалност во Европа“ и да нагласи оти Европскиот совет нема автоматски да го прифати принципот на „шпиценкандидат“. Оттаму тврдат дека Макрон и Меркел во телефонски разговор по изборите се договориле што побрзо да се финализираат номинациите за највисоките функции во ЕУ, идеално пред состанокот на Европскиот совет наредниот месец, како и дека ја изразиле важноста на заедничката на позиција за кандидатите.
Ги Верхофштат, лидерот на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), која е дел од новите сили на Макрон, вели дека ниту еден кандидат не обезбедил мнозинство во Европскиот парламент.
– Новата рамнотежа на моќта во Европскиот парламент бара кандидат за претседател на комисијата, кој може да изгради цврсто мнозинство подалеку од партиските линии – нагласи тој.
АЛДЕ, делумно во обид да се усогласи со Макрон, го критикуваше принципот на „шпиценкандидат“, но не предложи свој претендент туку понуди повеќе кандидати од кои Европскиот совет би требало да номинира еден. Меѓу нив е и данската еврокомесарка за конкурентност Маргарете Вестагер, која веќе јавно кажа дека сака да биде новата шефица на Европската комисија.
Социјалистите, исто така, одбиваат да им признаат на конзервативците дека полагаат ексклузивно право врз претседателството на комисијата и го туркаат нивниот водечки кандидат, Франс Тимерманс, бивш холандски министер за надворешни работи, кој во моментот е и прв потпретседател на комисијата.
Принципот „шпиценкандидат“ го нема во договорите на ЕУ, туку е толкување на одредбата со која се бара од Европскиот совет да номинира кандидат, при што ќе ги земе предвид резултатите од изборите за Европскиот парламент. Парламентот лани со големо мнозинство усвои резолуција, која вели дека законодавниот дом е подготвен да го отфрли кандидатот за претседател на комисијата што не е номиниран според принципот на „шпиценкандидат“ или не добил поддршка од ниту една групација пред европските избори.
Лидерите на ЕУ со години претпочитаа кандидати, кои претходно извршувале функции, како шеф на држава или на влада, но Вебер нема такво искуство. Неименуван дипломат на ЕУ за „Политико“ вели дека десетина земји, меѓу кои и Франција, ќе се обидат да ја блокираат кандидатурата на Вебер, што не значи дека тие ќе поддржат негов противкандидат од другите групи. Оттука, како потенцијален кандидат се спомнува и главниот европски преговарач за брегзит, Мишел Барние, кој е од ЕПП.
Во 2014 година, Јункер беше номиниран по џентлменскиот договор со неговиот социјалистички противкандидат, тогашниот претседател на Европарламентот, Мартин Шулц. По изборите во 2014 година, лидерите на парламентарните групи излегоа со соопштение дека кандидатот на најголемата група, Јункер, ќе биде првиот што ќе се обиде да го обезбеди потребното мнозинство. Технички, на Јункер му беше потребна номинација од Европскиот совет, но таа не беше загарантирана. Некои лидери, како тогашниот британски премиер Дејвид Камерон и унгарскиот премиер Орбан, се спротивставија на кандидатурата на Јункер, но на крајот попуштија.
Овој пат работите се уште посложени. Двата традиционални блока, умерената левица и десница, првпат по 40 години ја загубија можноста да прават голема коалиција, што значи дека ќе биде потребен поширок сојуз за да се обезбеди потребното мнозинство.
Тоа ги зголемува надежите на либералите и на зелените да добијат водечки функции што претходно им беа недостижни. Едно сценарио вели дека највисоките функции може да се распределат според изборните резултати, па така конзервативците да го добијат претседателството со комисијата, социјалистите претседателството со советот, а либералите и зелените да го делат претседателството со парламентот, бидејќи е со мандат од две и пол години. Но Европскиот совет ќе треба да има предвид и други фактори, како географската распределба, рамнотежата на моќ меѓу големите и малите членки или родовата еднаквост, за која Туск вели дека е приоритет.