Светските и регионалните сили, кои поддржуваат две спротивставени страни во либискиот конфликт, ризикуваат катастрофална индиректна војна со далекосежни последици во регионот и пошироко. Офанзивата против Муслиманското братство и сојузниците во владата на единство во Триполи, поддржана од ОН, се заканува да се претвори во индиректен конфликт меѓу нејзините приврзаници, Турција и Катар, од една страна, и Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), Египет, Саудиска Арабија, Русија и Франција, од друга страна.
Ривалските влади во Триполи и во Тобрук не успеаја да ја стабилизираат Либија, која уште се мачи со војна по падот и ликвидацијата на поранешниот лидер Моамер Гадафи во 2011 година. Владата во Тобрук е во сојузништво со генералот Халифа Хафтар, офицер од времето на владеењето на Гадафи, чии сили контролираат поголеми делови на либискиот исток и југ. Хафтар е поддржан од Египет, ОАЕ и од постојаната членка на Советот за безбедност на ОН, Русија.
Владата на национална спогодба (ГНА), предводена од премиерот Фајез ал Сараџ, поддржана од ОН и од меѓународната заедница, држи под контрола сѐ помали делови во западна Либија, вклучувајќи го и главниот град Триполи. Три моќни исламистички паравојски, сојузнички на Муслиманското братство, ја поддржуваат ГНА. Тие ги вклучуваат и паравојските од Мисрата, кои во 2016 година го ослободија Сирт, упориштето на Исламската држава во земјата.
Муслиманското братство со децении беше гонето од Гадафи, па по неговата смрт се обиде да се промовира како легитимна политичка сила. Во 2012 година, новата Партија на правдата и развојот (ППР) на Муслиманското братството учествуваше на првите либиски избори по падот на Гадафи, освојувајќи 34 од 200 пратенички места. Сепак, поддршката на ППР исчезна во услови на политичка криза и влошување на безбедноста, а на парламентарните избори во 2014 година обезбеди само 25 места. Во моментот, ППР ја контролира владата на ГНА, бидејќи нејзините членови и соработници имаат високи функции во разните политички, безбедносни и економски сектори.
За Египет, ОАЕ и за Саудиска Арабија е неприфатлива идејата Муслиманското братство да ги контролира нафтените и гасни богатства на Либија. Овие држави го поддржаа генералот Хафтар да го блокира напредокот на Братството во Либија. Набргу откако Хафтар ја почна актуелната офанзива против Триполи минатиот април, египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси го повика американскиот претседател Доналд Трамп да го прогласи Братството за терористичка организација. Трамп разговараше со Хафтар и го пофали за борбата против тероризмот и за обезбедувањето на нафтените ресурси во Либија.
Турција во јануари објави оти испраќа сили во Либија како поддршка на ГНА во Триполи. Одлуката на Анкара следуваше по испраќањето стотици сириски борци за јакнење на силите на ГНА.
Низа мировни иницијативи во изминатите два месеца, вклучувајќи го и неофицијалниот прекин на огнот, прогласен од Турција и Русија, не успеаја да ја спречат тековната офанзива. Наредната средба е закажана за почетокот на март во Рим, иако останува неизвесно која од завојуваните страни ќе присуствува.