Истражувачката новинска агенција „Белингкет“ тврди дека ги „поврзала точките“ помеѓу руската вмешаност во експлозиите кои се случија во армиски магацин со оружје во Чешка во 2014 година, пишува „Еурактив“. Тензиите помеѓу Чешка и Русија се зголемија откако чешките власти го обвинија руското воено разузнавање за експлозиите. Полицијата во Чешка трага по две лица поврзани со инцидентите, кои се осомничени и во случајот со труењето на разузнавачот Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Англија во 2018 година.
Како што тврдат чешките власти, експозијата од 2014 година требало да се случи во Бугарија, а не во Чешка, бидејќи муницијата од магацинот требала да биде транспортирана во Украина или во Сирија од страна на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев, кој преживеа обид за труење со новичок во 2015 година. Бугарското обвинителство отвори истрага за обидот за атентат, по откритијата на „Белингкет“ во кои беше посочена сличност со случајот на Скрипал.
А „Белингкет“ вчера објави уште еден извештај кој ги поддржува тврдењата дека експлозиите во Чешка биле дел од долгорочна акција на руското воено разузнавање (ГРУ), чија цел, наводно, било оневозможување на капацитетите на Украина за производство на оружје и муниција.
Според сознанијата на новинската агенција, дејствувањето предводено од тајната Единица 29155 почнало по јули 2014 година. А во рамки на нејзината мисија биле спроведени експлозиите во Чешка, обидот за атентат во Бугарија и барем една од трите експлозии во бугарските магацини за муниција кои се случија во 2015 година.
Во извештајот на „Белингкет“ се тврди дека најмалку шест тајни агенти од единицата 29155 биле распоредени во Централна Европа за да ја извршат планираната мисија. Русија во повеќе наврати ги негираше обвинувањата за вмешаност во инцидентите, како што тоа го стори и рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со францускиот колега Емануел Макрон.