Тешки услови во импровизираната населба Кањада Реал
Пандемијата, три месеци поминати без електрична енергија и денови без вода за пиење, откако бурата „Филомена“ ги замрзна цевките и го обви Мадрид во мраз, е секојдневието на жителите во импровизираната населба наречена Кањада Реал, пренесува „Гардијан“ во репортажата направена од шпанската престолнина.
Но, Сара Бенајад не ги заборавила гостопримливоста и обврските. Таа секоја ноќ пред спиење полни тенџериња со снег за утредента жителите на Кањада Реал да имаат вода за миење и за сите други потреби.
– Би сакала некој од одговорните лица да дојде и да ја помине ноќта со нас. Така, тие ќе видат колку страдаме и како живееме. Можеби тогаш ќе сторат нешто – вели Бенајад.
„Филомена“ е најсилното невреме во последните 50 години во Мадрид. Но, населбата, во која живеат 8.500 луѓе, главно со мароканско и ромско потекло, е најсилно погодена.
Тие се без електрична енергија од октомври. Сепак, регионалниот гувернер вели дека дефектите при напојувањето со електрична енергија, која е спроведена дотаму, настанале поради плантажите со марихуана кои се нелегално приклучени, па затоа системот постојано се соочува со прекини.
– Имавме многу тешки периоди. Имавме пожари и поплави, но тие се случија и поминаа. И претходно имавме зимски прекини на електричната енергија. Но, вакво нешто досега не сме виделе – вели Беатриз Арагон, докторка кој работи во Кањада Реал.
Смртта на 74-годишен човек доведе до правна жалба против властите, додека Арагон вели дека помеѓу 40 и 50 лица настрадале од труење со јаглерод моноксид, поради грејачите со бутан што ги користат оние што можат да си ги дозволат.
– Децата се навистина погодени, имаат многу респираторни проблеми, а прстите на рацете и нозете им се отечени од студот – вели Арагон.
Децата во гетото живеат во мизерни услови, а оневозможена е нивната едукација – објаснува таа.
Некои од нив ги завршуваат своите домашни задачи во студени автомобили. Други ги користат мобилните телефони на своите родители за да се обидат да ги следат часовите додека училиштата во регионот остануваат затворени поради снегот. Телефоните имаат двојна намена: откако ќе се преземат лекциите, се користи блицот за децата да можат да видат што пишуваат откако ќе зајде сонцето.
– Напишавме писма и ја пријавивме ситуацијата до властите. Секој знае што се случува тука, но никој не сака да реагира. Но, тие мора да преземат нешто, пред да се случи уште поголема трагедија – вели Лубна Ел Азмани, работник во заедницата.
Проблемот е во тоа што одговорноста за Кањада Реал е поделена помеѓу три локални градски собранија, градското собрание на Мадрид, владата на регионот Мадрид и делегатот на централната влада во регионот. Во меѓувреме, на жителите им беа понудени итно засолниште и канистри со бутан за полесно да поминат низ „Филомена“, но поради ковид-19, тие не сакаат да ја прифатат понудата.
Нивната единствена желба е да им биде вратена електричната енергија. Во меѓувреме, децата од гетото го прават она што сите деца го прават: трчаат по снегот, прават снешковци, се санкаат и маваат со снежни топки, бидејќи додека се движат надвор, им е потопло отколку да седат затворени.
– Ова е национален срам. Доколку властите планираат воопшто да направат нешто во врска со нас, треба да понудат јасни решенија. Но, како што се одвбиваат работите, единствените луѓе што ќе успеат да ги извлечат од Кањада Реал, ќе бидат мртовците во сандаци – категорична е Бенајад.