Родена сум во северен Лондон во 1983 година и израснав во бенгалско-бангладешко семејство. Само сакав да бидам Англичанка, но чувствувам притисок од моето семејство да бидам „добра муслиманска девојка“ и да не се интегрирам во западното општество. Моето семејство беше дисфункционално. Кога не им верувате на своите родители, учите воопшто да не верувате во авторитет, го раскажува своето искуство Танија Џоја, за британски „Гардијан“. Таа беше мажена за еден од водечките луѓе на Исламска држава, кој на измама ја однесе во Сирија заедно со нивните деца, пред, сепак, да им дозволи да се вратат во САД каде што живеат и денес.
Кога имав 17 години се преселивме во источен Лондон. Стекнав многу нови пријатели, но тоа беа многу конзервативни, религиозни девојки и ме посрамуваа бидејќи сум „премногу западна“. Се чувствував депресивно бидејќи сакав да станам нова личност. Моја роднина, која имаше големо влијание врз мене, беше радикализирана на универзитет. Таа ме научи за Калифатот. Читав многу саудиски исламски фатви на интернет. Мислев дека ја барав вистината.
Во 2003 година бев на марш против војната во Ирак одржан во Лондон, кога некои мажи ми дадоа лист хартија со името на исламски сајт за запознавање. Таму го запознав Џон Георгелас, Американец кој преминал во ислам. Тој потекнува од семејство од средната класа, знаеше повеќе јазици и делуваше паметно. Му се восхитував.
Се омажив за Џон при неговата прва посета во Лондон, знаејќи дека тоа е единствениот начин да заминам од дома. Набргу потоа се преселивме во САД и добивме син. Џон стануваше се повеќе радикален, кога престанав да носам хиџаб и станав понезависна. Во 2006 година тој беше обвинет за хакирање на интернет-страница на произралска група за лобирање и замина во затвор на три години. Уште зависев финансиски од него и не сфатив дека се наоѓам во проблематичен брак.
Кога Џон излезе на условна слобода се преселивме во Египет, а потоа и во Истанбул со нашите три деца. Тој ја спомна можноста за одење во Сирија, но јас бев одлучна дека не сакам да ги водам децата во воена зона. Не можевме да останеме во Истанбул, а Џон ми кажа на мене, како и на неговото семејство во САД дека се селиме во Анкара. Наместо тоа, отпатуваме до сириската граница.
Кога се качивме во автобус насред ноќ не сфатив што се случува. Јас бев во петтиот месец од бременоста и ми олесни што децата и јас можеме да спиеме. Кога изгреа сонцето, се наоѓавме на сирискиот премин и Џон ме предупреди да не правам инцидент.
Веднаш штом добив пристап до телефон, се јавив на неговата мајка, кажувајќи ѝ дека Џон нѐ лажел. Плачев и побарав од неа да ги контактира агентите на ФБИ кои го следеа со години. ФБИ подоцна ми кажа дека јас немаше да бидам обвинета за придружување на екстремистичка организација ако се вратам во САД.
Во Сирија немавме вода зашто резервоарот кој се наоѓаше над куќата беше пробушен од куршуми. Бев неухранета исто како и децата и се плашев дека ќе ги загубам. Џон ме обвинуваше за информирањето на агентите, а јас бев гневна на него бидејќи нѐ измами. Дотогаш одбивав да го покријам лицето и тој се срамеше од мене. Тој чувствуваше притисок од своите пријатели да ме напушти или да ме контролира.
На крајот Џон покажа милост и го организираше моето заминување иако требаше да чекам три недели да заминам поради блокираните патишта и борбите. Тој му плати на човек што криумчареше луѓе за да нѐ транспортира. Бевме принудени да трчаме неколку километри и да се протнеме низ отвор во оградата со бодликава жица, пред да скокнеме во камион што се наоѓаше под снајперски оган.
Криумчарот требаше да нѐ однесе до автобуска станица, но нѐ остави насред пустелија. Бев преплашена додека љубезен Турчин не ни помогна да излеземе оттаму. Бев толку благодарна. Сакав моите деца да живеат добри, исполнети животи и да се вратам во светот.
Џон имаше значителна улога во воспоставување на Калифатот и беше водечки пропагатор кој помагаше во придобивањето на луѓето од Западот. Не го видов повторно и дознав дека се преженил во Сирија. Минатата година дознав дека починал, најверојатно за време на американско бомбардирање во 2017 година.
Сега живеам во Тексас на неколку улици подалеку од неговите родители. Знам дека е добро за нив и за децата да бидат блиску. Мојот сегашен сопруг е полн со почит и грижа. Ја сакам слободата да бидам своја. Работев со антиекстремистичка организација во Обединетото Кралство. Образованието е клучно во дерадикализацијата – потребни ви е претставување на информациите, фактите и на науката. Тоа ме смени. Читам и се едуцирам. Мораме да имаме заеднички вредности за да живееме во мир.