Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека не сака воената моќ на САД да се користи како одговор на секој проблем во светот, пренесуваат агенциите.
– Американската воена моќ треба да биде нашата последна опција, а не да се користи како одговор на секој проблем што го гледаме во светот – рече Бајден во обраќањето на 76-та сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Тој нагласи дека Соединетите Американски Држави и партнерите мора да работат заедно како никогаш досега поради закани по безбедноста, просперитетот и слободата.
Додаде дека САД не сакаат проблеми и нова Студена војна.
– Не сакаме нова Студена војна или свет поделен на ригидни блокови. Повторувам уште еднаш, не се стремиме кон тоа – рече американскиот претседател.
Нагласи дека ќе го одржи ветувањето за Иран и нуклеарното оружје и додаде дека ќе продолжи со дипломатските напори за враќање на нуклеарниот договор.
Тој се осврна и на израелско-палестинското прашање, велејќи дека поддржува решение за две држави, велејќи дека тоа е најдобриот начин да се обезбеди иднината на Израел како еврејска демократија и одржлива и суверена палестинска држава.
На крајот, Бајден ги повика светските лидери да изградат подобра иднина.
– Јас и вие имаме волја и капацитет да го направиме тоа подобро – рече Бајден во своето обраќање.