Виртуелен самит меѓу претседателите на САД и Кина
Претседателите на САД и Кина, Џо Бајден и Си Џинпинг, го одржаа долгоочекуваниот виртуелен самит. Американскиот претседател ја нагласи потребата од заштитни потези за да се избегне конфликт меѓу двете земји, додека Џинпинг се заложи за подобра комуникација, пренесоа светските агенции. Самитот се одржа во услови на спорови меѓу Вашингтон и Пекинг околу Тајван за трговијата и прашањата за човековите права.
– Наша одговорност како претседатели на САД и на Кина е да обезбедиме конкуренцијата меѓу нашите земји да не прерасне во конфликт, сеедно дали намерен или ненамерен – изјавил Бајден на почетокот на повеќечасовниот разговор.
Претседателот Си Џинпинг, пак, посочил дека е неопходна поголема комуникација измеѓу двете земји.
– Кина и САД треба да ги подобрат комуникацијата и соработката – изјави Џинпинг, додавајќи дека е „среќен“ што се сретнал со „стар пријател“, за првпат преку видеоврска, бидејќи претходните разговори биле телефонски.
Белата куќа пред состанокот кратко соопшти дека очекувањата од средбата не се големи и дека тие не треба да доведат до конкретни резултати. Од друга страна, кинеската дипломатија во понеделникот објави дека двајцата претседатели ќе имаат „чесна, длабока и сеопфатна размена на мислења“ за подобрување на билатералните односи, кои се среќаваат на „критичен крстопат“.