Анализа на западните медиуми за средбата во Женева
По одржаниот состанок во четири очи меѓу Џо Бајден и Владимир Путин во Женева, светските медиуми пренесуваат слични заклучоци дека во моментов се развиваат политички одлуки, кои би можеле во иднина да се клучни точки врз кои ќе се градат политиките меѓу САД и Русија
Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин одржаа „прагматичен“ состанок во Женева на повеќе теми, а некои од најважните беа почетокот на разговорите за контрола на вооружувањето, нормализирањето на светскиот поредок, како и враќањето на амбасадорите во Москва и во Вашингтон откако претходно ги повлекоа оваа година. Ова, меѓу другото, се дел од главните оцени на западните медиуми, кои по средбата на двајцата шефови на најмоќните држави во светот, Бајден и Путин, во Женева ги анализираа темите и пораките од самитот. Во анализа на американски „Си-ен-ен“ се вели дека американскиот претседател Џо Бајден имал една едноставна цел, а тоа е да се покаже нормалност.
– Го направив она за што бев дојден – рече Бајден, нудејќи толку концизна, а сепак нејасна изјава за исходот на состанокот. И покрај ова, според американскиот медиум, се наѕира дека циркусот на владеењето на Доналд Трамп е завршен и дека возрасните повторно се на власт.
Нужна заемната доверба
Дури и пред американскиот претседател Бајден да се сретне со рускиот колега Владимир Путин, очекувањата од средбата беа мали, се вели во анализата на американската новинска мрежа. Освен некои основни заложби за враќање на дипломатите и договор за отворање конструктивен дијалог со САД за прашања како што се сајбер-безбедноста и надворешната политика, Путин не даде индикации дека на првиот состанок на двајцата лидери се навестуваат големи промени. Затоа „Си-ен-ен“ смета дека никакви пријателски зборови нема да го спречат рускиот лидер да продолжи енергично да ја следи својата политичка агенда, и во Русија и во странство, со речиси целосна неказнивост. Иако на прес-конференција рускиот претседател рече дека смета дека нема никаков вид непријателство меѓу него и Бајден, Путин ги критикуваше САД за да го сврти вниманието од критиките кон Русија.
Нуклеарна стабилност и контрола на вооружувањето
Во меѓувреме Путин исто така го нарече Бајден „конструктивен, искусен партнер“ и рече дека тие зборуваат „на ист јазик“, но додаде дека меѓу нив нема пријателство, туку прагматичен дијалог за интересите на Русија и на САД. Рускиот претседател Путин истакна дека „во овој момент е тешко да се каже дека односите со САД ќе се подобрат“, но дека има „трошка надеж“ за прашањето на заемна доверба, особено околу нуклеарните арсенали и вооружувањето. Во исто време Путин ја опиша средбата како „конструктивна, без негативни тонови“ и „покажа дека и двајцата лидери изразија желба да се разберат. Тој рече дека Русија и САД ја делат одговорноста за нуклеарната стабилност, додавајќи дека ќе разговараат за можни измени на нивниот неодамна продолжен Нов договор за контрола на оружјето СТАРТ. Сепак новинската агенција „Ројтерс“ во своја анализа за самитот оценува дека Путин „покажал недостиг од волја за компромис за низа други прашања“, отфрлајќи ја загриженоста на Вашингтон за апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, зголеменото воено присуство на Русија на границата со Украина и сугестиите на САД дека неидентификувани хакерски напади од Русија беа одговорни за голем број агенции и компании во САД.
Сајбер-безбедноста и Кина камен на сопнување
Во исто време „Форин полиси“, анализирајќи ги клучните поенти од состанокот меѓу шефовите на државите, Путин и Бајден, наведува дека ерата на либералниот интернационализам се тргна настрана за да направи простор за враќањето на ривалството на големите сили, додека дистрибуцијата на глобалната моќ ја менува геополитичката клима. Авторот Ами Мекинамон во својата анализа околу важните точки од самитот пишува дека американскиот претседател и Путин детално разговарале за следните чекори што нивните земји треба да ги преземат за мерките за контрола на оружјето што ќе го намалуваат ризикот од војна. Според магазинот, еднакво важен чекор во градењето на новите руско-американски односи, покрај регулирањето на компјутерските напади од двете страни, е и градењето заеднички став околу глобалната експанзија на Кина, која за САД е загрижувачка и непријателска.
Воздухопловните сили на Кина на 16 јуни испратија 28 воени авиони и бомбардери во таканаречената идентификациската зона на тајванската воздушна одбрана (АДИЗ), која Тајван ја смета за свој простор, првпат откако е инаугуриран американскиот претседател Џо Бајден. Кинеските маневри се изведени само неколку дена откако на самитот на Г7, западните земји ја истакнаа важноста на мирот и стабилноста во областа на Тајванскиот теснец, предупредувајќи на закани од Кина кон Тајван. Неделава тајванската службена Централна новинска агенција (ЦАН) го цитираше портпаролот на Пентагон, Џон Сапли, соопштувајќи дека сѐ поголемите воени активности на Пекинг во близината на Тајван се дестабилизирачки. Во меѓувреме, Пекинг ги критикува односите на другите земји со Тајван, кој го гледа како своја покраина. Кинеските власти редовно протестираат и бараат од Вашингтон цврсто придржување кон политиката на „една Кина“, а Тајван го сметаат за своја одметната покраина.