Гасоводот „Северен тек 2“ не беше спомнат за време на разговорите меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џозеф Бајден, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Северен тек 2 не беше споменат вчера – рече портпаролот на Кремљ на прашањето на новинарите дали Бајден му рекол на Путин дека Америка ќе влијае на Германија за да го запре проектот за гасоводот.
Советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека „Северен тек 2“ претставува лост на притисокот на Западот врз Москва да не ризикува да изврши инвазија на Украина.
Во исто време, британски „Фајненшл тајмс“ пишува, повикувајќи се на неименуван дипломат, дека Германија и Америка имале сериозни разговори за рускиот гасовод и дека во случај на руска „инвазија“ на Украина, би можеле да заклучат дека гасоводот е неприфатлив.
– На крајот може да се постигне консензус дека „Северен тек 2“ е неприфатлив доколку дојде до инвазија на Украина – се вели во написот.
На редовниот брифинг со новинарите, Песков исто така рече дека на Путин му се допаѓа форматот на онлајн комуникација со Бајден бидејќи овозможува отворен разговор.
Тој додаде дека роковите за контакти меѓу претставниците на двете земји се уште не се одредени по разговорите меѓу претседателите, но дека тие мора да се реализираат оперативно.