Кандидатот за претседател на демократите, Џо Бајден, предупреди дека Русија, Кина и другите ривали се обидуваат да ги поткопаат претстојните претседателски избори во САД. Тој вели дека започнал да прима разузнавачки извештаи за ова, пренесува АП.
На виртуелно собирање на средства со околу 200 поканети лица, кандидатот за претседател потврди дека започнал да прима доверливи извештаи од американските разузнавачки служби. Поранешниот потпретседател на САД претходно изјави дека добил извештаи од американските разузнавачки служби, во кои се наведува дека Русите им понудиле на Талибанците во Авганистан награди за убиството на американски војници.
Тој им рече на новинарите дека престанал да ги прима овие извештаи на 30 јуни, но дека може да ги побара. Бајден потврди дека започнал да прима извештаи дека Русите продолжуваат да работат на дестабилизација на претстојните избори во САД, како и дека Кина и другите американски ривали учествуваат во овој процес.
Белата куќа и Советот за национална безбедност не биле достапни за коментар за изјавата на Бајден.
Американските разузнавачки служби наведуваат дека во 2016 година Русија интервенирала на претседателските избори во оваа земја во корист на победата на Доналд Трамп, а официјалните лица предупредуваа дека опасноста од странско мешање сè уште постои на годинашните избори.За време на неговиот мандат, Трамп ги доведе во прашање заклучоците на американските разузнавачки служби, отфрлајќи ги овие обвинувања како неточни.
Бајден добил разузнавачки извештаи како заменик претседател на САД, а тој им рече на новинарите дека престанал да ги прима овие извештаи од 30 јуни. Тој рече дека администрацијата на Трамп не им дала на увид доверливи извештаи за кандидатите на најголемите партии, како што е обичај.