Американскиот претседател Џо Бајден вчера во Брисел вети дека ќе му каже на својот руски колега Владимир Путин каде е „црвената линија“, пренесе агенцијата Франс прес.
– Не бараме конфликт со Русија, но ќе одговориме доколку Русија продолжи со своите активности – изјави Бајден пред новинарите по самитот на лидерите на НАТО.
Бајден, кој ќе се сретне со Путин во Женева во четврток, го опиша рускиот претседател како интелигентен, цврст и „достоен противник“.
– Сепак, Путин мора да разбере дека ќе биде трагедија ако умре опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој е во затвор во Русија – предупреди Бајден.
Американскиот претседател го осуди „агресивното однесување“ на Русија и инсистираше на поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Русија го анексираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година и ги поддржува проруските бунтовници во источна Украина.
Според агенцијата АП, Бајден изразил надеж дека рускиот претседател ќе покаже интерес за „промена на перцепцијата што светот ја има за него“.