Новата рунда преговори за Брегзит заврши без значаен напредок, но со заложби од двете страни за интензивирање на преговорите, порачаа двајцата главни преговарачи, Доминик Рааб и Мишел Барние. Разликите остануваат големи, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европскиот преговарач, Мишел Барние, појасни дека со оглед на кусото време кое преостанува до датумот за напуштање на Велика Британија, двете страни „постојано“ ќе преговараат.
Во принцип, доколку сакаат да постигнат договор пред напуштањето на Велика Британија, двете страни треба да постигнат заеднички договор до октомври. Иако шансите се сѐ помали, ниту Барние, ниту Рааб денеска на прес-конференцијата во Брисел не сакаа да кажат дека е невозможно.
Сепак, и двете страни се подготвуваат за сите сценарија, порачаа тие, вклучително и тнр „Брегзит без договор“, односно напуштање на Велика Британија без преходна трговска спогодба и дефиниран однос помеѓу двата блока.
Камења на препнување остануваат бројни и тешки: границата во Ирска и заедничкиот европски пазар.
На обвинувањата дека ЕУ е нефлексибилна, Барние одговори потсетувајќи дека внатрешните правила и стандарди на ЕУ мораат да се почитуваат.
– Како да ги смениме принципите врз кои е изградена ЕУ? Велика Британија е таа која напушта, не обратно. Тоа е избор, иако жалиме поради тоа. Но ЕУ е основана на принципи, вредности, правила, тоа е интегриран екосистем кој Велика Британија добро го познава бидејќи заедно го градиме 44 години, и тие принципи ќе останат наши, изјави Барние.
ЕУ не може да се согласи со барањата на Лондон да остане дел од заедничкиот пазар без да ги почитува правилата, стандардите и нормите на ЕУ, како што беше предложено од британска страна.
Барние сепак порача дека има точки на согласност како внатрешната и надворешната безбедност и одбраната, но дека разликите за економскиот однос остануваат длабоки, па и “противречни“, иако двете страни се согласни за “амбициозен договор за слободна трговија“.
Британскиот преговарач, од своја страна, порача дека треба да се боде подготвен за „сите евентуалности“, вклучително и Брегзит без договор, но ги отфрли катастрофалните сценарија кои се појавија во медиумите во последно време.
Запрашан дали е можна ревизија на одлуката за напуштање на ЕУ доколку не се постигне договор пред напуштањето на Велика Британија, Рааб одлучно ја отфрли оваа можност.
-Од британска страна – не. Ќе напуштиме во март и ќе бидеме подготвени за сите евентуалност, со обновена заложба и енергија се вложуваме во преговорите, рече Рааб.
Европскиот преговарач предупреди дека ЕУ нема да биде “импресионирана“ од “игрите на обвинувања“ кои се појавуваат во дебатите за можен Брегзит без договор.
-Најскапата последица е Брегзит без договор, не работиме на тоа но мораме да бидеме подготвени, изјави Барние.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 30 март 2019.
До тогаш преговорите треба да утврдат дали двете страни ќе склучат договор за иднината на односите помеѓу двете страни. Од овој договор зависи дали ќе има транзициска фаза од 21 месец за Брегзит, која ќе и остави време на британската страна да се адаптира на новонастаната ситуација.